ЦУК: Отстраување на опасност по мостот на Вардар и од локално поплавување кај Неготино
Центарот за управување со кризи, по пријава на бројот за итни случаи, денеска, презеде превентивна координативна активност за отстранување опасност по мостот на Вардар кај Неготино, поточно кај село Пепелиште како и од поголемо локално поплавување.
Пријавената опасност е резултат од нанесените гранки и дрва на столбовите од мостот од надојдената вода на реката. Тоа резултирало насобраните гранки да го попречат речниот тек како своевидна брана, па покрај зголемен притисок на мостот го подигаат речното ниво пред мостот и може да предизвикуваат локално излевање на водата надвор од коритото. По спроведеното информирање и координација од ЦУК, Локалната самоуправа и Водостопанство Неготино работат на планирање на начините за безбедно отстранување на опасноста.
-Поради сложеноста на расчистување – неможноста од директно чистење со сегашните машини, се планира да се ангажира и специјална машина, а во дел од расчистувањето на опасноста од испреплетените насобрани гранки и дрва се планира да биде ангажиран и планинар – алпинист, со јаже да се спушта и да помага да се расчистува, според потребите и ситуацијата. Инаку, согласно текот на настанот, прво Регионалниот ЦУК Велес извести дека во петокот на 27.01.2023 година добил информација – дојава на 112 за насобраните гранки и дрвја на мостот на Вардар на патниот правец Неготино – Штип, кај село Пепелиште. Конкретно, ЦУК бил информиран дека многу гранки и дрва се насобрани на столбовите од мостот што дејствуваат како своевидна брана, па покрај тоа што така се зголемува бочниот притисок на мостот, истовремено, пред мостот, реката се излева од своето корито. Потоа, веднаш преку Регионалниот ЦУК Неготино за случајот се известени Водостопанство Неготино, при што од нив е одговорено дека ќе превземат мерки за расчистување. Покрај локалните институции се известени и дежурните од Македонија пат, а активностите континуирано се следат и преку Регионалниот ЦУК Неготино, соопштија од ЦУК.
Инаку, денеска, РЦУК Неготино известува дека, по остварениот разговор во 10:15 часот со директорот на Водостопанство Неготино, покрај досегашниот ангажман за случајот, се организира расчистување и за утре, среда. Поради сложеноста на расчистуваето ќе се ангажира специјална машина со назив „А 916“, којашто има можност модуларно да се надоградува за да се досегнат и извадат пречките.
Според оценките на Водостопанство Неготино, при оваа ситуација, немало опасност за рушење на мостот. Центарот за управување со кризи, преку регионалните центри, ја следи ситуацијата.
Дума.мк