Дали годинава МЖ Инфраструктура ќе го реконструира железничкиот премин кај поранешна „Порцеланка“?
Железничкиот премин кај поранешна Порцеланка на пругата Велес – Битола ќе биде земен во предвид и ставен на приоритетната листа на премини кои што годинава, МЖ Инфраструктура ќе ги реконструира и осовремени. Реконструкцијата и осовременувањето на овој и на уште 19 железнички премини во државата ќе започне со финансиските средства на државата и средства преку поднесени проекти од два европски фондови на меѓународни донатори поточно Western Balkans investment frame work, механизам на ЕУ за грант средства како и ИКОН – Секретаријат на европска транспортна заедница за целосна сигнализација на железнички премини, рече за Дума.мк директорот Хари Локвенец.
-Што се однесува до конректниот премин кај поранешна „Порцеланка“ во овој момент ние работиме на проект што ќе овозможи реализација на потребната реконструкција. Прво на горниот строј на патниот премин за обезбедување на многу побрзо и побезбедно минување со патнички возила и на транспортни средства. Второ, во фаза сме на отстранување на сигналната куќичка која не е во употреба, за да обезбедиме подобра видливост на учесниците во патничкиот сообраќајот. Во исто време упатувам апел и молба со цел за поголема внимателност и безбедност на сите учесници во сообраќајот при што напоменувам дека е потребно следење на поставената вертикална и хоризонтална сигнализација, додаде Локвенец.
Според вака дадената изјава на директорот на МЖ Инфраструктура, железничарското претпријатие, смета дека на патот од Велес кон Чашка потребна е поголема безбедност на два премини преку железничката пруга Скопје – Битола. Првиот пред поранешна „Порцеланка“, кај објектот Управна зграда и вториот, позади истата фабрика во близина на погоните или задниот фабрички влез. Таму се наоѓа дрвената железничарска куќичка во која до пред 30 години имаше физичко обезбедување од страна на железничар.
-И покрај тешката финансиска состојба во која се наоѓа македонското железничарско претпријатие, потребна е совесност и внимателност, на сите учесници во сообраќајот како и грижа за секој човечки живот. Ние сме сосема свесни дека е потребна реконструкција на сите 270 железнички премини за кои се потребни големи финансиски средства бидејќи една реконструкција со поставување на светлосна и звучна сигнализација чини околу 100.000 евра и уште толку за дополнително обезбедување на браници или полубраници. Народски кажано поставување на рампи, додаде Локвенец.
И покрај поставените сообраќајни знаци „Андреев Крст“ и „СТОП“, кои возачите ги упатуваат на задолжително запирање на моторните возила, на 5 јануари, годинава, на железничкиот премин кај поранешна „Порцеланка“ се случи мини бус ангажиран од општина Чашка за јавен превоз на патници да удри во железничко превозно средство дресина. Ова е последната сообраќајна незгода, за среќа без човечки жртви, но со 12 повредени патници.
Сепак, поради местоположбата на управната зграда на поранешна „Порцеланка“ на овој железнички премин, намалено е видното поле на патот кога се сообраќа од правец на Велес кон Чашка. Иста е ситуацијата и кога се доаѓа од обратна насока, кај задниот влез на фабриката, поради споменатата железничарска куќичка на оваа пруга.
Во овој дел на пругата и патот сосема поинаква е состојбата на третиот премин, кај тунелот, пред искачувањето на серпентините кон Долги Рид. Таму МЖ има поставено знаци и звучна како и светлосна сигнализација кои што преминот го прават безбеден. Овој премин се наоѓа на самата граница на двете општини, Велес и Чашка.
Убавка Јаневска