Децата од велешката градинка „патуваа низ Македонија“ на завршна програма (фото и видео)

Објавено на 14 јуни, 2023 во 10:48

Со програма што понуди концепт на патување низ сопствената држава, Македонија, децата од велешката градинка „Димче Мирчев“, вчеравечер, ја заокружија својата последна година од престојот во нивниот втор дом. Триста и дваесет идни првачиња, облечени во разни костуми, низ минатото и сегашноста, патуваа и уживаа во убавините на нашата татковина, бидејќи како што велат тие „Нашата татковина е многу вредна затоа што е една“.

Своето патување го започнаа од родниот Велес, на химната на својот град, во црвено – плави одела, играа и пееа, со што целата публика стана на нозе како во чест на химната така и да аплаудира за овие мали горди велешанчиња.

Спортстака сала „Гемиџии“ броеше повеќе од 2 500 велешани коишто продолжија да патуваат заедно со овие дечиња. Тие со воз и стигнаа до главниот град на Македонија, поточно Скопје.  Но, веднаш потоа облечени во традиционална носија, играа и ни ја претставија народната традиција на својата татковина. Потоа, во модерна облека, поточно, девојчињата со долги фустани и шешири, додека момчињата облечени во костуми, не однесоа до градот на конзулите и прошетаа низ Битолските сокаци.

Овие мали дечиња, облечени во костуми како сирени и школки, успеаа да не однесат и до бисерот на Балканот, нашиот Охрид, а потоа, со порака дека каде и да одиме секогаш се враќаме во своето родно место и се јавуваме на најблиските, на песната 223 – 305 танцуваа и пееа заедно со цела публика. Но, тоа не беше крај на патувањето на оваа спектакуларна, креативна, возбудлива и распеана програма.

Овие мали ангелчиња го продолжија своето патување до градот на нашиот единствен Тоше Проески, во славното Крушево, со порака дека тој ангелски лик пеел за нас но сега тие танцуваат за него. Малите но големи креативци, не го заборавиле ниту струмичкиот карневал, затоа своето патување го продолжија во Струмица каде со тапани, мажуретките ни прикажаа како струмичани го одбележуваат овој карневал.

Она што е најбитно, на самиот крај, тие не потсетија и на македонските шампиони, облечени во дресови и во костуми со боите на својата татковина, сите заедно танцуваа и пееа во еден глас со публиката на песната „Македонија навива за вас“, со што го завршија своето патување.

Директорката на градинката „Димче Мирчев“, Маја Велиновска, возбудена од спектакалот којшто го приредија овие дечиња, откри дека тие во текот на целата година учеле за својата татковина, за нејзините градови, природни убавини и реткости.

-Пресреќни сме сите. Успеавме да ја наполниме салата „Гемиџии“. Вечерва заедно со нас танцуваа и пееа повеќе од 2500 родители, баби, дедовци, братучеди и другарчиња. На моите прекрасни првачиња им посакувам многу здравје, среќа и успех во понатамошното школување. Секогаш да ги следат своите соништа и ние како институција но и понатаму како држава да се гордееме заедно со нив, додаде Велиновска.

На самиот крај, сите 320 дечиња заедно, пресреќни танцуваа, пееа и се гушкаа меѓусебе на химната на својата градинка.

Драги првачиња, тимот на Дума.мк Ви посакуваме многу здравје и среќа! Ви благодариме на прекрасното патување низ нашата Македонија. Вие продолжете да патувате на секаде низ животот, но никогаш не го заборавајте својот град и својата татковина Македонија!

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.