Десет семејства од Лозово во своите домови ќе сместат волонтери од Америка, пријавувањето е во тек
Десет семејства-домаќини од Лозово, во период од 28.09.2024 до 06.12.2024, во своите домови ќе сместат волонтери од Америка кои ќе посетуваат обуки а потоа ќе заминат во градовите и селата низ државата кадешто ќе живеат и работат во наредните две години.
Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски ги известува сите заинтересирани граѓани дека пријавувањата и аплицирањата за вдомување на волонтери од Америка е во тек.
-Во период од 11 недели волонтерите од Америка ќе бидат сместени во 10 семејства во нашата општина. Домаќините треба да им овозможат сместување, поточно посебна соба која ќе ја користи само волонтерот. Потоа, храна, односно од семејството се очекува секој ден да обезбеди појадок, ручек и вечера за волонтерот и оброците треба да бидат она што вообичаено се подготвува за цело семејство. Секако е хигиената поточно домаќинот еднаш неделно треба да обезбеди чиста постелнина и пешкир за волонтерот додека тој сам е одговорен за својата лична хигиена и перење на своите алишта, пишува во соопштението на градоначалникот.
Исто така секое семејство ќе добива и паричен надомест на трансаквиска сметка од 6000 денари, за секоја недела од претстојот на волонтерот во нивниот ден. Овој износ е наменет за покривање на трошоците за јадење и сместување на волонтерот и исплатата ќе се врши на временски интервал од три недели.
Сите заинтересирани граѓани за подетални информации може да се обратат во просториите на Општина Лозово или на телефонските броеви 077/749-897 и 032/458-458.
Стефани Манева