До понеделник, 9 октомври, посебен режим на сообраќај во Велес поради „Питијада 2023“
Поради одржување на манифестацијата „Питијада 2023“, којашто ќе се одвива на главната улица „Благој Ѓорев“ во Велес, до понеделник, 9 октромври, до 12:00 часот, сообраќајот ќе биде преуредуван на повеќе локации. Поточно, улицата ќе биде затворена за одвивање на сообраќај на потег од Трговски центар до крстосницата формирана од улиците „Благој Ѓорев“ и „Љубљанска“, поточно кај Црквата Св. Кирил и Методиј.
-Поради тоа сообраќајот од трговскиот центар ќе се пренасочува кон улица „Борис Трајковски“, додека пак на потегот кај новиот кружен ток „Авона“ автомобилите кои доагаат од улица „Тодор Јанев“ ќе можат да го користат кружниот ток за излез на улица „Тодор Христов Офицерчето“ (поранешна „Народен фронт“) и “Лазо Осмаков“. Сообраќајот од улица „Љубланска“ кон „Благој Ѓорев“ ќе се одвива во една насока се до Театарот „Ј.Х.К. Џинот“ од каде што продолжува како двонасочен сообраќај. Поради тоа предупредуваме на внимателно возење заради стеснување на улицата од левата страна. Улицата „Наум Наумовски Борче“ (пред ЕВН) е затворена за сообраќај, а ќе има можност за користење на паркинг просторот одреден во ССОУ Гимназија „Кочо Рацин“, и паркинг просторот кај Диспанзерот , соопштуваат од Општина Велес.
Исто така, додаваат дека улицата „3-та Ударна Кумановска Бригада“ е затворена за сообраќај од крстосницата формирана од улиците „Наум Наумовски Борче“ и „3-та Ударна Кумановска Бригада“ , помеѓу велешани познато кај „Круг“, до крстосницата формирана од улиците „3-та Ударна Кумановска Бригада“ и „Тодор Христов Офицерчето“, кај пешачкиот мост.
-Сообраќајот на улица „Алексо Демниевски-Бауман“ на потегот од семафоризираната крстосница до крстосницата формирана од улиците „Алексо Демниевски“ и „Благој Ѓорев“ (кај Пошта) ќе се одвива во две насоки. Сообраќајот во две насоки ќе се одвива и од крстосницата формирана од улиците „Благој Ѓорев“ и „Васил Ѓоргов“ (зграда на театар „Ј.Х.К. Џинот“) па се до крстосувањето со улица „8-ми Септември“, додаваат организаторите.
Временскиот режим на сообраќај ќе се одвива според поставена хоризонтална и вертикална сигнализација како и знаци кои ќе ги даваат униформирани полициски службеници. Општина Велес апелира до сите учесници во сообраќајот строго да ги почитуваат правилата и прописите за нормлано и безбедно да се одвива сообраќајот во градот за време на оваа манифестација.
Стефани Манева