Донираните „Книги за непознато другарче“ од Велес стигнаа во Мелбурн, Австралија (фото)

Објавено на 27 октомври, 2025 во 15:03
Фото: Ученици на Викториското училиште за јазици

Донацијата во „Книги за непознато другарче“ од Клуб на писатели „Кочо Рацин“, Градска библиотека „Гоце Делчев“ во која учествуваа ученици и нивни родители од Велес стигна во Викториското училиште за јазици (VSL Keilor Downs) во Мелбурн, Австралија. Пред три дена пакетот тежок 10 килограми со книги од македонски автори, писатели и поети, разделен е на ученици од 1 во до 4 то одделение којшто се Македонци и го учат македонскиот јазик во ова австралиско училиште. Наставничката Гордана Димовска ги информираше иницијаторите во Велес дека учениците и наставниците во Мелбурн се презадоволни. Особено учениците што ќе можат да го усовршуваат својот мајчин јазик со книгите од оваа донација.

Фото: Донатори и учесници во пакување на книгите, Велес

– За сите нас во Велес, како иницијатори, фотографиите кои ни се испратени од моментите на поделбата на книгите на учениците во Мелбурн, се многу драгоцени. Затоа што успеавме да спроведеме иницијатива од само неколку дена во Велес која што во Мелбурн ќе има многу подолгорочно значење. Сите ние во Велес искрено посакуваме испратените „Книги за непознато другарче“ да овозможат на нашите македонски деца, ученици, потечно читање, поедноставно зборување и побрзо стекнување на знаења за Македонија, родната земја на нивните татковци и мајки или баби и дедовци,“ рече роднокрајната поетеса Соња Гаврилова на Клуб на писатели „Кочо Рацин“.

Фото: Ученици од Велес

Таа додаде дека треба да се истакне и максималната посветеност на велешката Библиотека „Гоце Делчев“ како со бројот така и со испратениот вид на литература на Македонски јазик за да одговараат на возраста на учениците во Австралија како и на учениците и родителите кои освен што беа донатори учествуваа и во пакувањето на донираните книги.

Фото: Дел од донирани книги на македонски автори за Австралија

Фото: Деца од Велес

Благодарност за велешката иницијатива стигна и од Австралија каде книгите беа предадени на наставничкиот колегиум на Викториското училиште за јазици (VSL Keilor Downs) во Мелбурн од страна на претседателката на МЛД „Кочо Рацин”, Мелбурн, Гордана Димовска.

Фото: Викториското училиште за јазици, Мелбурн

„Огромно благодарам од нашите ученици до нивните другарчиња во Велес како и нивните родители кои се инволвираа во оваа акција. И нека ова биде нов почеток на ваков вид акции за најмладите. И во иднина ќе продолжиме да градиме мостови на соработка на релација Австралија – Македонија. Веруваме дека секогаш ќе ни биде приоритет негувањето на македонскиот јазик – симболот на нашето национално постоење, лична карта на Македонецот каде и да е. Јазикот е она што не обединува,“ напиша Димовска.  

Фото: Викториското училиште за јазици, Мелбурн

Македонското литературно друштво “Кочо Рацин“ кое постои од 2014 година а во 2016 е официјално регистрирано како Македонска литературна асоцијација Мелбурн во Consumer Affairs Victoria повеќе години соработува со Клуб на писатели „Кочо Рацин“ Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.