Дополнителната количина на вакцини „Фајзер“ причина за двосменско работење на пунктот за масовна имунизација во Велес
Во велешкиот пункт за масовна имунизација денеска и утре ќе се вакцинира со прва доза од вакцината „Фајзер“. Станува збор за категории на граѓани на помлада возраст кои добиле термин за вакцинација преку сајтот vakcinacija.mk. Тоа значи дека пунктот ќе работи двосменски, од 08:30 до 19:00 часот. Во овој временски период, дневно, вакцини ќе примат по околу 720 граѓани, пријавени на vakcinacija.mk. Дел од нив, примаат втора доза од вакцините „Фајзер“ и „АстраЗенека“, додека на располагање ставена е поголема количина на вакцини за прва вакцинација со „Фајзер“.
Според Д-р Марина Тодоровска, координатор на пунктот за масовна имунизација во Велес, новата количина на вакцината „Фајзер“ што пристигна во Велес е од последната набавка на вакцини од овој вид во количина од 100.620 дози купени преку КОВАКС механизмот.
Веќе во среда ќе има нова информација колкава количина од „Фајзер“ ќе биде дополнително ставена на располагање за граѓаните кои се вакцинираат на велешкиот пункт за масовна имунизација.
Стефани Манева