ЕД „Вила Зора“ – Велес одржа работилница и ја презентираше платформата „Зелени можности“ пред младите велешани
Младите велешани можат да се приклучат на платформата „Зелени можности“ кадешто ќе можат да пренесуваат свои идеи и да ги искажат проблемите со коишто се соочуваат во денешно време, но и да предложат и активност на којашто заеднички ќе работат. Со регистрација на платформата исто така, младите ќе можат да ги читаат и сите новости што се однесуваат на нив, да следат конкурси за Еразмус+ програмата и во реално време да се допишуваат со останатите регистрирани членови. Младите велешани на денешната работилница насловена „Слушај – дејствувај, младинска платформа за дијалог“ којашто се одржа во хотел Интернационал, имаа можност да слушнат и кои се главните цели на проектот.
-Главната цел на проектот „Заедници инклузивни за млади” е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот. На работилницата денеска младите имаа можност да си ги кажат своите идеи и пред нив ја презентиравме младинската платформата „Зелени можности“. Оваа платформа им овозможува подобар дијалог меѓу младите и локалните институции, како и можностите за пријавување на Еразмус+ програмата и за обуки кои можат да ги посетуваат и да се надоградуваат себе си, рече Олгица Наумоска од ЕД „Вила Зора“.
Во наредниот период платформата ќе биде презентирана и во други градови низ државата со цел поголем број на млади лица од Македонија да се приклучат и да ги уживаат сите поволности коишто ги нуди „Зелени можности“.
Инаку, оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади”, кои го спроведуваат Националниот младински совет на Македониа, во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Стефани Манева