Единствениот лекар уролог на Општа болница Велес е на одмор, пациенти чекаат да се врати и затоа матичните не можат да им закажат преглед преку „Мој термин“
Граѓани не можеле да закажат термин кај единствениот специјалист уролог во Општа болница Велес. Матични лекари не им издавале ни итни ниту редовни упати. На дел од велешани им бил потребен редовен термин за контрола или продолжување на хронична терапија но матичните не успевале да им закажат преку Мој термин. Дел од овие пациенти со сомнеж побараа да се препровери точноста на информацијата што ја добиле бидејќи сметаа дека Велес веќе нема специјалист уролог.
Дума.мк контактираше неколку матични лекари во Велес и го доби истиот одговор дека сите термини кај урологот се блокирани од средината на минатиот месец. На прашањето што значи „блокиран термин“ лекарите одговорија дека Општа болница Велес не ги отворила термините за прием на пациенти.
На новинарското прашање дали е точна информацијата добиена од пациенти дека не можат да закажат термини за преглед кај специјалистот уролог или за продолжување на хронична терапија додека според матични лекари во Велес, Општа болница Велес, ги имала затворено термините и која е причината од јавната здравствена установа кусо одговорија:
„Нема никаква блокада за закажување на термини за специјалист уролог, туку специјалистиот – уролог користи годишен одмор.“
Граѓаните, пациенти, најверојатно ќе мораат да чекаат специјалистот по урологија да се врати од одмор затоа што на прашањето што треба да направат пациентите, дали да бараат термини во други болници во државата, од велешка Општа болница не одговорија.
исто така, велешка Општа болница повеќе од 18 месеци работи само со еден специјалист уролог откако вториот, кој што го имаше, почина.
Убавка Јаневска