Филиповски: Потребен е нов режим на управување со водата за полевање од „Калиманци“ за да стигне до Каратмановските ниви

Објавено на 10 април, 2025 во 15:09

Се намалуваат бројот на нивите и на земјоделските производители во селата во Општина Лозово. На Градски пазар во Велес, во последните три години, скоро преполовен е бројот на земјоделски производители кои продаваат зеленчук одгледан на површини од овој дел на Овче Поле. Од неколкумината кои се последни производители од Каратманово, Дурфулија и Милино може да се слушне дека младите земјоделци се откажуваат поради проблемите коишто ги имаат со наводнувањето, од системот “Калиманци“, покрај последиците од климатските промени.

-Не стигнува со недели вода, од пролет до есен, до нашите ниви преку каналите за наводнување од системот „Калиманци“. И тие што се обидоа да најдат вода со копање на бунари не видоа аир. Штом нема вода нема живот за пиперот, доматите, тиквиците, синиот домат, а едвај успеваме да одгледаме кромид и лук, рече производител од Каратманово.

-Се откажаа многу млади земјоделци. А и ние постарите се двоумиме дали да садиме градинарски производи или да се откажеме. До Дурфулија, во изминатите години, вода по каналот не стигнува тогаш кога навистина е потребно и тоа со недели. За џабе ни е трудот којшто го вложивме кога во последните години температурите во лето се пеколни. Тогаш кога најмногу ни треба, по каналите и до нивите не стигнува вода, значи наводнување нема а со тоа се намалува и количината на производи, рече негов колега од Дорфулија.

На пет дена од официјалниот почеток на сезоната за наводнување, 15 април, за проблемите на земјоделците во најисточниот дел на Овче Поле и припаѓаат на подружница „Свети Николе“ информирано е ЈП „Водостопанство на РСМ“. Директорот Филип Филиповски вели дека актуелната хидробиолошка состојба во Македонска Каменица и во Делчево не е поволна. И по последните врнежи на дожд количината на вода со која располага акумулацијата „Калиманци“ изнесува 67 милиони метри кубни што е помалку за 23 милиони метри кубни вода.

-Ако во акумулацијата не се соберат потребните 90 милиони метри кубни вода, за коишто надеж е престојниот пролетен период, и најавените врнежи, состојбата со наводнувањето ќе биде тешка. Ќе мора целосно да се санира загубата на вода, да се внимава на количините потребни за оризовите полиња во кочанско како и да се осовременат браздите на светиниколските земјоделци. Мора да се направи  усогласување на периодите на наводнување како би стигнала потребната количина и до површините на земјоделците во општина Лозово, рече Филиповски.

Во Тиквешкиот крај на државата исчистени се околу 97,80 километри од отворена каналска мрежа за наводнување на Водостопанство ,,Тиквеш”, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Според нивната објава на Фејсбук динамиката на подготовка на системите за наводнување се одвивала континуирано и биле санирани откриените дефекти.

„Оваа подружница обезбедува вода за наводнување за земјоделските посеви во општините Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Градско. Сезоната за наводнување ќе ја започнеме подготвени,“ напиша МЗШВ.

Динамиката на подготовка на системите за наводнување се одвива континуирано и постојано. Системите за наводнување во поголем дел се подготвени за претстојната сезона за наводнување. Исчистена е и искастрена отворена каналска мрежа за наводнување во должина од 97, 80 километри. Се продолжува со санација на лоцирани дефекти. На пумпните станици после извршената демонтажа и сервисирање, се пристапува кон монтажа и оспособување на истите. Според Александар Стојанов, раководител на сектор во подружницата ,,Тиквеш”, на АД Водостопанство на 3 април, годинава, започната е и дистрибуција на вода за наводнување.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License