Форум во Велес: „Биди активна за родово еднакво општество“
Дванаесеттина девојки на возраст од 18 до 25 години, денеска, во просториите на Младински центар Велес, беа дел од форумот „Биди активна за родово еднакво општество“ организиран од страна на Организација на жени на Свети Николе. Тие се запознаа со женските човекови права, родовата еднаквост и добија совети како да станат активни општествени чинители кои прават позитивни промени.
– Ние ја промовираме оваа брошурата „Јаки жени, ја јакнат заедницата“ каде практично имаме три столбови на коишто се фокусираме и тоа човекови права, родова еднаквост и активизам. Ова е дел од проект којшто се одвива во целиот Вадрдарски регион, практично бевме скоро во сите градови и со сите девојки коишто се средношколки или студентки зборуваме на теми коишто се важни. Но целта ни е да покренеме и активизам. Многу ни е драго што девојките што денеска ги сретнавме овде во Велес, покажуваат високо ниво на свесност за проблематиката и желба тоа да го променат. Ова сега останува на нив, да го промовираат и да го поттикнат на повеќе нивоа, рече Доц. д-р Весна Попоска деканка на Правен факултет при Меѓународен факултет „Визион“, ангажирана како експертка на Организација на жени од Свети Николе.
Овој форум е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата“. До сега истиот се одржал во седум општини и тоа Кавадарци, Демир Капија, Свети Николе, Кочани, Пехчево, Делчево и Виница. Истиот продолжува уште во неколку градови.
Стефани Манева