(фото) Општа болница Велес ги празнува светителите Козма и Дамјан, кумови беа вработените од службата Управа
Денес се чествуваат светите маченици Козма и Дамјан, бесребрени лекари коишто бесплатно им помагале на болните луѓе. Тие се заштитници на сите лекари. Во дворот на велешката болница пред три години се игради црква којашто го носи името на заштитниците на лекарите и во нивна чест денеска се одржа свечена литургија.
Годинешната кума на празникот, дипломираната правничка Татјана Атанасова, заедно со колегите од управата на Општа болница Велес подготвија погача и пченица, за потребите на литургијата која ја одржаа свештеници на Епархија Повардарска. Атанасова рече дека особено се радува на овој празник но и како кума е посебно горда бидејќи таа е една од основоположниците на оваа црква.
-Денеска го прославуваме денот на светителите Козма и Дамјан, првите лекари во православието. Јас го прифатив кумството од причина што бев и една од основоположниците на црквата, на поставувањето на темелите. Поради тоа сум многу среќна и горда. Заедно со моите колешки подготвивме и закуска во чест на празникот. Би посакала добро здравје и среќа на сите вработени во Општа болница Велес и на сите граѓани. Пресреќна сум, ова е посебен ден за мене,“ додаде низ солзи радосници Атанасова.
Покрај кумата, многу здравје на здравствените работници и на сите граѓани посакаа и директорот на велешката болница Ристе Богоевски како и целата управа на болницата.
Во болничкиот двор, околу црквата, денеска имаше присутни голем број на граѓани. Исто така, и во внатрешноста на храмот каде по литургијата сите се помолија за здравје и си земаа парче од панаѓијата. Секој од присутните имаше можност да си наполни осветена вода и да се послужи од закуската.
Следната година кумови на одбележувањето на празникот Свети Козма и Дамјан ќе бидат здравствените работници од одделението за Гинекологија и акушертво заедно со доктор Атанас Василев.
Стефани Манева
фото: