(фото) Велешаните Дарио и Коста со велосипед извозија 1100 км и својот одмор го поминаа во Будва
Дарио Здравев и Коста Тахов своето слободно време обожаваат да го поминуваат со своите велосипеди. Тие целосно ја имаат извозено Македонија, па предизвик им претставуваат и државите надвор од неа. Двете момчиња до сега со велосипед ги поминаа Албанија, Србија, Грција, Турција и Бугарија. Последната тура за старт го имаше Велес а за цел Будва. Предизвикот го планирале еден месец колку што е потребно да се одлучи каде да се замине на годишен одмор. Авантурата на Здравев и Тахов до Црна Гора значи извозени со велосипед вкупно 1100 километри. Многу адреналин, само две дупнати гуми и огромно позитивно искуство, вака за Дума.мк ја опиша Дарио Здравев велосипедската авантура што за него и неговиот пријател заврши пред неколку дена.
-На располагање имавме вкупно две недели. Ова патување го испланиравме и организиравме да стасаме до Будва и да се вратиме назад, но и да прошетаме и секако да уживаме на плажа. Јас возам велосипед веќе пет години, додека Коста подолго време и има многу поголемо искуство од мене. Само 40 км извозивме по автопат, останатото по магистрала и дел земјени патишта. Секое ново патување е и ново доживување, можам слободно да кажам дека не можевме да донесеме подобра одлука за годишен одмор, во смеа одговори Здравев.
Двајцата авантуристи, во рок од пет дена, со почеток од Велес до Богомила и Прилеп, потоа Битола и Струга, па Елбасан, Тирана се до Бар и Суто Море, пристигнале во Будва. Не интересираше каде спиеле па ни открија дека на вакви долги тури вообичаено спијат во шатор, но овој пат се одлучиле за приватни сметстувања со цел да намалат на дополнителна тежина.
-Во рок од пет дена поминавме девет градови, од шестиот до деветиот ден уживавме во прекрасните места коишто ги нуди Будва. Турата е специфична. Патот има голема елевација па шаторот е дополнителен терет, затоа одлучивме да не носиме и да спиеме во приватни сместувања. Возевме од 8 до 10 часа дневно. Обично на ден возевме од 80 до 180км. Во зависност од временските услови и елевацијата поставувавме дневна цел на возење. Имаше делови од турата кои ги возевме во ноќ, поради условите и тежината на етапата. Нај долгата етапа ни беше Будва – Тирана долга 180км која ја возевме 14 часа со кратки паузи за кафе, храна и одмор, додаде Здравев.
За време на возењето се соочиле само со два „проблеми“, којшто за првиот велат дека за нив не претставува никаква потешкотија. Поточно, според нив, две дупнати гуми се „задолжителен“ дел од вакви долги тури. Но, како посериозен проблем го потенцираа дефектот во предното тркало на еден од велосипедите коешто се случило во Албанија.
-Проблемот го решивме така што стопиравме автомобили да ни дадат клуч кој моментално ни беше неопходен. Среќа еден човек од Тетово сопра, помогна и ни понуди вода. Како најинтересен дел од ова патување ќе ја споменам пештерата „Липа“, долга 2.4км која се наоѓа во Цетиње. Во нај топлиот ден од месецот одлучивме да ја посетиме, не знаејќи дека внатре температурата е 10 степени. Интересно беше што дел од нас не само што не носеа топла облека која беше неопходна за да се влезе во пештерата, туку беа и на апостолки, додаде Здравев.
Двајцата велешани овие 1100 км ги поминале со „Mountain bike“, поточно планинарски велосипеди. Како задолжителен дел од опремата за вакви долги патувања но и најбитна ја категоризираат кацигата.
-Прво и најбитно од опрема, секој велосипедист треба да има кацига на глава. Проверен и технички сигурен велосипед. Торби монтирани на велосипедот, алати и делови за најчести можни дефекти. Потребна е добра физичка и психичка кондиција. Дополнителна опрема за возење во ноќ, добра осветленост и рефлектирачки елек, бидејќи безбедноста е најзначајна, додаде Здравев.
На патот кон дома, тие ги поминале и градовите Тирана, Елбасан, Струга, Охрид, Ресен, Битола, Прилеп и Богомила. Четиринаесетиот ден, во Велес пристигнаа безбедно со многу нови спомени и позитивни искуства.
Дарио и Коста им препорачуваат на сите граѓани и љубители на велосипеди, доколку сакаат авантура и адреналин, имаат желба за нови предизвици да го прифатат истиот и да уживаат, бидејќи, според нив овие моменти остануваат врежани само во добрите сеќавања.
Стефани Манева
Фото галерија: