(фото) Заврши годинешната Питијада 2025 – Велес го сруши рекордот со џиновска пита и три вечери музика и забава

Заврши годинешната Питијада 2025, манифестација која целиот викенд го направи Велес центар на музичка програма, добро вино и највкусната пита. Илјадници посетители од цела Македонија и странство уживаа во уникатната атмосфера што овој фестивал традиционално ја носи со себе.

Велес постави нов гастрономски рекорд – најдолга пита некогаш подготвена во градот, со должина од 4 метри и 30 сантиметри. Зад оваа кулинарска атракција стојат вештите питамајстори Зоранчо Илиевски, Ангел Костов, Виктор Василевски, Лазе Коцевски, Благојче Николов, Горан Костадинов, Кристина Маневска и Александар Јамалов, заедно со подмладокот Калина и Георгиј од Фурна Гемиџии. За оваа џиновска пита беа искористени 16 килограми брашно, 26,5 килограми тесто, 42 килограми месо и 350 јајца.

Овој голем кулинарски успех беше придружен со хуманитарна акција – во соработка со Црвен крст Велес и Советот на Општина Велес, од продажбата на питата беа собрани средства што ќе се искористат за добротворни цели.
Викендот беше исполнет со богата музичка програма. Првата вечер настапија Група Соната, 2 Бона, Куку Леле и Калиопи, додека саботата ја одбележаа настапите на Кате и Ѓоко Ѓорчев, Пајак, Мики Секуловски и Северина. Вчеравечер, на питијадата настапија Анета Љумаковска, Либеро Бенд, Викторија Лоба и Бајага и Инструктори. Особено впечатливи беа настапите на Калиопи, Северина и Бајага. Иако вчеравечер, на последниот ден од питијадата програмата беше предвидено да заврши на полноќ, но Бајага и Инструктори направија незаборавна атмосфера којашто траеше до 1:30 часот по полноќ. Секоја вечер завршуваше со прекрасен огномет што го осветлуваше небото над Велес.

Младата публика, пак, уживаше во детските музички точки на Стела и Сани, како и во изведбите од фестивалот „Златно славејче“, носејќи радост и насмевки кај најмладите посетители.
Во рамки на Питијадата беше организиран и есенски базар за рачни изработки, кој го претстави богатството на локалната креативност. Велосипедистите ја искористија убавата есенска сабота за да возат на рекреативната тура „Велес MTB Tour 2025“, што по 12-ти пат беше организирана од Велес Бајкинг, со старт од винаријата Шато Сопот. Посебно внимание привлекоа и љубителите на старите автомобили – изложбата на олдтајмери годинава беше масовно посетена и буди носталгија и восхит кај сите генерации.

Велес повторно покажа дека традицијата, забавата и солидарноста одат рака под рака, оставајќи ги посетителите со незаборавни спомени и желба за следната Питијада.
Стефани Манева


