Граѓаните бараат контрола на сообраќајот на улица „Прохор Пчински“ откако приколка се забила во продавница на црква „Света Богородица“ во Велес

Објавено на 27 јуни, 2025 во 16:20

Граѓани кои живеат на улица „Прохор Пчински“ се очевидци додека нивни соседи од околните улици реагираат на немила случка што се случила минатата сабота во овој дел на Велес кога од автомобил во движење по угорницата над црква „Света Богородица“ се откачила натоварена приколка и го разнела излогот со влезната врата на просторот на црква „Света Богородица“. Граѓанските реакции се однесуваат на последиците од случката затоа што пред продавницата и на скалите на влезна врата на црквата седат и одмараат луѓе со полни торби и вистинска среќа била ситуацијата којашто завршила без повредени сограѓани. Дел од овие граѓани тврдат дека по оваа велешка улица одамна не е безбедно да се движат поради преголем број на нерегистрирани автомобили кои ги возат сомнителни возачи можеби и без возачки дозволи.

-Моите родители можеле да бидат повредени бидејќи тие често пати знаат да одморат на ова место пред да ја искачат угорницата и да стигнат дома. Особено во пазарните денови. Среќа е што во моментот кога приколката се откачила тие веќе биле дома, рече Велешанец кој живее на улица „Прохор Пчински“.

-Јас одамна пишувам и на социјалните мрежи дека оваа наша улица наликува на „Див запад“ и дека стравувам за безбедноста на децата а потоа за мојата и на сопругата. Овде не се знае кој вози и што вози. Дали возилата се регистрирани и имаат ли возачки дозволи тие што ги возат? Ако зад воланот гледаме соседи кои не завршиле основно училиште се прашувам како може тие да имаат возачки дозволи. Значи немаат. И додека ние се жалиме овде не сме виделе униформирано лице, контрола или слично како обид да се стави ред во ова безредие, додаде друг жител на улицата.

Со него се сложија и дел од очевидците на случката со откачената приколка. Неа ја има регистрирано Полициска станица на Сектор за внатрешни работи Велес. Оттаму на новинарското прашање на Дума.мк одговорија:

„Ве информираме  дека  на 21 јуни 2025 во СВР Велес било пријавено дека патничко возило со велешки регистарски ознаки, кое влечело приколка, при што приколката се откачила и удрила во врата од верски објект. Полициски службеници од СВР Велес постапиле по добиената пријава, при што од лице од верскиот објект биле информирани дека се договориле возачот да ја надомести настанатата штета“.

Ова за жителите на оваа велешка улица не е доволно. Тие бараат полицијата да излезе на лице место и да ги санкционира според закон несовесните возачи и да ја врати нивната безбедност при движењето по „Прохор Пчински“.

Инаку, дел од овие жители и претходно раскажуваа за случки како што се спуштање по удолницата на истата улица на автомобил на бандажи наместо на гуми, за пребрзо возење во крш од автомобили и слично.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.