Граѓаните да бидат внимателни иако во Општина Велес засега нема каснување од змии,здравствените институции имаат серум
Пеколно жешкото време и сушата ги извадија змиите надвор од лежиштата во земјата. Овој јуни, забележано е зголемено присуство на змии не само на територијата на општината туку и во државата. Граѓаните треба да се внимателни како при прошетки во природа така и при движење во населени места или во град. Нема потреба од паника кога се забележува змија туку од претпазливост бидејќи змиите касаат доколку бидат нагазени, наседнати или вознемирени.
-Самопомош е првата работа што треба да се направи. Во таква ситуација не треба да преовлада паника. Значи ако каснувањето е на рацете или нозете, бидејќи човечките екстремитети најчесто страдаат, изолирајте го и мобилизирајте го делот на којшто сте каснати. Така болката ќе биде поднослива и ако не сте во можност да извршите транспорт до првата здравствена амбуланта, веднаш јавете се на телефонскиот број 112. По автоматизам информацијата стигнува до Итна медицинска помош а со тоа и мобилизацијата на екипата да стигне во најскоро време до вас. Лекарот ќе интервенира и ќе аплицира терапија и серум за каснување од змии. Во велешката Итна помош има дози на серум, добиени се во редовна годишна постапка од Министерство за здравство, рече д-р Василка Поп Стефанова Панова началничка на Итна медицинска служба во Здравствен дом Велес.
Според информациите на директорот на јавната здравствена институција, Нино Николов, станува збор за две дози на серум за каснување од змии коишто можеле постојано да се надополнуваат пред се поради краткиот рок на употреба и цената на чинење од 15.000 денари за една доза.
Освен во Здравствен дом Велес серум за каснување од змии има и на Инфективното одделение во Општа болница Велес.
-Здравствената услуга од овој вид ја издаваат лекарите специјалисти по инфективни болести. Исто така интервенции во ноќна смена пружаат и лекарите специјалисти по интерни болести. Имаме доволна количина на серум. Посакуваме да не треба да искористиме ниту една доза но, доколку се појави потреба веднаш се надополнува аплицираната количина, соопшти потпаролката Марина Андова.
Според статистичките податоци на Министерство за здравство во државата мал е бројот на каснувања од отровна змија со фатални последици по живот. Станува збор за еден до два посто од случаите кои биле каснати но имале коморбидитети или се лекувале од хронични болести.
Сепак за граѓаните е важно да бидат внимателни и најбрзо да побараат здравствена помош без разлика што можеби станува збор за неотровни змии, поточно водни, бидејќи постои опасност од инфекции.
Убавка Јаневска