Хуманитарни пакети за жителите од С`лп, Белештевица и Карабуниште, кои освен воз немаат друг превоз до Велес

Жителите на трите села С`лп, Белештевица и Карабуниште, неколку денови не можат да дојдат до Велес бидејќи вработените во Македонски железници штрајкуваат а со тоа не сообраќаат патничките возови коишто се единствениот превоз кој може да го користат за да стасаат до градот. Волонтери на Црвен крст на РСМ – Општинска организација Велес денеска, ги посетија жителите и им поделија хуманитарни пакети со основни прехранбени производи.

-Причина за тоа е фактот дека овие жители повеќе денови се целосно отсечени поради штрајкот на вравботените во Македонски железници, бидејки патничкиот воз кој запира на железничката станица „Рајко Жинзифов“ е единствениот превоз до градот. Патот кој води до селата е во лоша состојба и може да се помине само со теренско возило. За жителите од овие села, речиси сите возрасни лица и пензионери, денеска се поделија 25 пакети со храна, соопштија од велешкиот Црвен крст.

Во реализација на оваа активност биле вклучени Општина Велес и Територијалната противпожарна едницата.
Стефани Манева
