ИН МЕМОРИАМ: Стојан Бајрактаров 1949 – 2025 година, одбојкар ветеран од првата постава на велешки ОК„Пелагонија“
Во 76 година од животот, по кратко боледување, на 11 јануари 2025 година, почина Стојан Бајрактаров одбојкар ветеран на првиот Одбојкарски клуб во Велес којшто го носи името „Пелагонија“.
Бајрактаров спортската кариера ја започна во 1968 година, кога во тогашниот ОК „Пелагонија“ играше на позициите напаѓач и блокер, меѓу другото и затоа што беше највисок меѓу своите колеги соиграчи во тимот. Дел од неговата спортска кариера, иако краткотрајна, ја продолжи и кога клубот го промени името во ЖОК „Борец“, во 1971 година. Тоа е исто така период од развојот на одбојката во Велес кога клубот со име „Пелагонија“ учествува во квалификации за натпреварување во тогашната прва лига на поранешната држава СФР Југославија, во Суботица, во 1969 година, како и со име „Борец“ по втор пат, во Загреб, во 1971година.
Бајрактаров останува и ги брани боите на велешкиот одбојкарски клуб се до својата женидба во 1973 година. Тој беше семеен човек, татко на две деца, син и ќерка, како и дедо на три внуци.
Стојан Бајрактаров почина како пензионер на поранешната велешка Топилница за олово и цинк. Неговите посмртни останки беа погребани на 12 јануари, годинава, на гробиштата на црква „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Од него вчера на социјалната мрежа Фејзбук се простија одбојкари ветерани од генерацијата што го наследи.
„Искрено сочувство до семејството и вечен спомен Бајрактаров“
Дума.мк