Јавен оглас за прием на нови полицајци, пријави може да се достават и во СВР Велес
Објавено: 16 јули, 2025, во 11:27 часот
Министерството за внатрешни работи распиша јавен оглас за прием на 150 нови униформирани полициски службеници, со цел зајакнување на безбедносниот систем на државата. Секторот за внатрешни работи Велес е едно од местата каде што заинтересираните кандидати можат да ја достават својата документација и да се пријават лично за учество во постапката.
Под мотото „Биди полицаец. Биди хуман. Создај ред. Чувај ги граѓаните“, огласот е насочен кон млади луѓе со чувство на одговорност, дисциплина и висок морал, кои се подготвени да го следат патот на полициската служба. Велешани, како и сите жители од поширокиот регион, кои ги исполнуваат условите, имаат можност да станат дел од македонската полиција.
Заинтересираните кандидати треба да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да не бидат постари од 25 години, да се физички подготвени, да не се политички ангажирани и да исполнуваат и други услови пропишани во конкурсот. Висинскиот праг е поставен на минимум 170 см за мажи и 160 см за жени.
Постапката за селекција опфаќа повеќе фази, меѓу кои: административна проверка, физичка подготовка, психолошко тестирање, писмен тест, интервју, безбедносна проверка и здравствени прегледи. Успешните кандидати ќе бидат упатени на едногодишна интензивна обука во Центарот за обука при МВР, кој има меѓународни акредитации и стреми кон европски стандарди.
Пријавите се доставуваат лично во СВР Велес, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, во рок од 15 дена од денот по објавувањето на огласот. Кандидатите треба да приложат извод од матична книга на родени, диплома од средно образование, две фотографии и потпишана изјава дека не се членови на политичка партија.
Се повикуваат младите да ја искористат оваа можност и да се приклучат во редовите на полицијата, носејќи ја одговорноста за зачувување на јавниот ред и мир во локалната заедница и пошироко.
Целиот оглас и повеќе околу потребните документи прочитајте на мвр.гов.мк.
Стефани Манева


