Јубилејно предновогодишно искачување на Св. Илија – Велосипедисти и планинари заедно во хуманитарна мисија

Објавено: 17 декември, 2025, во 10:34 часот

Традиционално предновогодишно искачување на ридот Св. Илија годинава го одбележува своето X-то, јубилејно издание, со што симболично се затвора и велосипедско-планинарската 2025 година во Велес. Настанот, кој ќе се одржи во недела, на 28 декември 2025 година, повторно ќе ги обедини велосипедистите, планинарите и рекреативците во заедничка спортска и хуманитарна акција.

Како и секоја година, стартот на велосипедската тура е предвиден во 10:00 часот од Плоштад Сармаале, а движењето ќе биде по познатата рута низ „Потокот“, до манастирот Св. Илија и понатаму кон врвот. Пристигнувањето кај летниковецот се очекува помеѓу 11:00 и 11:30 часот, додека заедничкото собирање на сите учесници е планирано околу 12:30–13:00 часот, кога ќе следи и кратка, симболична забава на врвот.

Годинава, покрај велосипедската тура, програмата е збогатена и со рекреативно пешачење до врвот Св. Илија, со што настанот е отворен и за љубителите на планинарењето. Планинарската тура е по сопствен избор, директно од стартната локација или со организирање превоз до одредена почетна точка.

Настанот има рекреативен карактер и секој учесник учествува на сопствена одговорност. Велосипедистите треба да поседуваат исправен велосипед, заштитна кацига, соодветни ракавици и резервна зимска опрема, додека за планинарите се препорачуваат соодветни обувки, резервна облека, вода или топол чај и основна храна.

Од „Велес Бајкинг“ посочуваат дека овој настан одамна прераснал во традиција која ги спојува спортот, дружењето и хуманоста.

-Десет години по ред заедно ја затвораме годината на најубав можен начин – на велосипед и пеш, во природа. Наместо во кафеана, ги повикуваме сите да дојдат на Плоштад Сармаале, да го искачиме Св. Илија и да донираме. Настанот има хуманитарен карактер и собираме средства за поддршка на член од семејството на наш близок пријател – велосипедист, планинар и другар, велат од „Велес Бајкинг“.

По завршувањето на турата следува предновогодишно фотографирање со Дедо Мраз и дружење со топол чај, а организаторите ги охрабруваат учесниците да понесат дедомразовска облека или новогодишни реквизити.

Со пораката за здрав живот, активност и хуманост, јубилејното искачување на Св. Илија уште еднаш ќе покаже дека спортот може да биде и силна поддршка за оние на кои им е најпотребна.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.