Кавадарци домаќин на свеченоста по повод 30 години од работата на УНДП во Македонија

Објавено на 20 јуни, 2025 во 11:53

Со свечен настан во Домот на културата во Кавадарци, беше одбележан јубилејот – 30 години од присуството и работата на Програмата за развој на Обединетите нации во државата. Општина Кавадарци беше домаќин на оваа значајна манифестација, со што уште еднаш ја потврди својата посветеност на соработката со меѓународните организации и развојните партнери.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во своето обраќање истакна дека партнерството со УНДП се реализира успешно во повеќе стратешки области, особено во делот на вработување преку владините активни мерки и програми. Тој посебно го нагласи значењето на поддршката за малите и средни претпријатија и креирањето нови, квалитетни и инклузивни работни места.

-Преку заедничките проекти со УНДП овозможуваме рамноправни можности за сите наши граѓани. За нас оваа соработка не е само техничка поддршка, туку и израз на пријателство и заемна доверба, рече Јанчев.

Како симбол на благодарност и трајно пријателство, градоначалникот му врачи на претставникот на УНДП, г-дин Армен Григоријан, симболичен „клуч од градот“. Со овој гест, Кавадарци ја потврди својата отвореност и добредојде за понатамошна соработка.

На настанот присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, како и заменик амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Михал Харари, со што се нагласи регионалниот и меѓународниот карактер на поддршката што УНДП ја добива и овозможува на локално ниво.

Настанот заврши со заедничка порака за продолжување на успешната соработка во насока на одржлив локален развој, економско зајакнување и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во Кавадарци и пошироко.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.