Кавадарци ќе добие винотека
По седум години барање да се отвори изложбен салон на производи од семејните винарии во Кавадарци, конечно се пронајде простор за оваа намена. Градоначалникот Митко Јанчев заедно со претставници од здружението на семејни винарии и здружението на енолози пред јавноста го претставија објектот кој се реконструира, а каде ќе биде сместена винотеката.
Се очекува истата да биде ставена во функција во септември, кога се одржува манифестацијата „Тиквешки гроздобер“.
-Околу 40 семејни винарии ќе добијат свој изложбен простор, датотека и комерцијален дел за продажба на своите вина. Простор ќе добие и Здружение на енолози, каде ќе ги врши своите дневни работи, и сите гости кои ќе дојдат ќе добијат енолошки пристап кон винариите. Ова е вистински правец за развивање на винарството, посебно во делот на семејните винарии и застапување на енолозите, изјави градоначалникот Јанчев.
Тој нагласи дека следната година од буџетот ќе бидат издвоени два милиони денари кои ќе се наменат за поддршка на семејните винарии за учество на саемски манифестации, а со цел лозарството и винарството во Кавадарци да се подигнат на повисоко ниво.
Изложбен салон од ваков тип за прв пат ќе биде отворен во земјава, а благодарност искажаа од здружението на мали семејни винарии каде членуваат 40-тина и од здружението на енолози.
Ангел Данов