Минов: “Имав пристапница но не и членска книшка од СДСМ“
Панчо Минов кој вчера беше исклучен од СДСМ денеска реагираше на обвинувањата изнесени на негова адреса. Смета дека одлуката била донесена поради страв од неговата кандидатура.
“Најболно им е што се декларирам како опозиција. Со тоа сметаат дека им е загрозена монополската положба на политичкиот простор во Квадарци како опозиција. На последните парламентарни избори бев на листата на СДСМ и поднесов пристапница но, досега членска книшка не добив, тоа сигурно го знае групата што донесе одлука за мое исклучување. Бев оневозможен да бидам кандидат на СДСМ и затоа поднесов независна кандидатура. Тие што бркаат после нив ги бркаат,“ рече на прес конференција Минов и додаде дека групата на СДСМ со вчерашните обвинувања искажала ноторно политичко незнаење. Тој рече дека никогаш не бил на функција како предлог на парија туку со подршка, како што рече, од граѓани.
“Во првиот градоначалнички мандат бев независен кандидат и во вториот бев независен со подршка на СДСМ. Првиот пратенички мандат бев кандидат за пратеник од Сојузот на реформските сили, а втор пат од Либерална партија – Сојузот за Македонија. Не го негирам придонесот што граѓаните го имаат дадено во изборот на овие функции што ги вршев,“ рече Минов. Обвинувањата дека поради кривични пријави бил приморан да соработува со ВМРО-ДПМНЕ, Минов најостро ги негираше и информираше дека сега немал никакви пријави бидејќи дел биле отфрлени како неосновани, дел повлечени од обвинителството поради тоа што немало елементи за гонење. Имал една ослободителна пресуда, една со 6 месеци условна казна, а за една сеуште се водело истрага, но е убеден дека ќе добие ослободителна пресуда.
“Јас не сум работел за СДСМ, па точно е тоа. Јас ја застапувам мојата независна кандидатура и сакам да го победам кандидатот на СДСМ и сите други кандидати. Велат сум бил во опасност да бидам изигран од ВМРО-ДПМНЕ , а потоа ќе ме стравеле во затвор. Тоа се само болни желби на групи во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Тие боледуваат од болест наречена Панчо Минов. Нема да користам ниски удари. Тоа што ми го посакуваат мене да им се врати нив, “ рече Минов. Тој одговори и на обвинувањата за неговата имотна состојба.
Минов рече дека го продал станот во Скопје од 165 квадрати и купил стан од 80 м2. Платил учество од 25 000 евра, а заедно со неговата сопруга зеле кредит од Стопанска банка во висина од 100илјади евра со обврска да го враќаат во наредните 17 години. Исто така рече дека не возел скап автомобил, а ниту пак имал дебели банкарски сметки, ниту акции во било какви фирми. Потврди дека неговата фирма “Пели“ била сопственик на деловен простор од 72м2 во центарот на Кавадарци./ A.Д