Горештините ја зголемија потрошувачката на вода во Кавадарци!
Се повторува состојбата од минатите години. Со растот на температурата кавадарчани започнуваат да трошат многу вода за пиење. Дел од нив водата не ја трошат за главната намена, туку за наводнување на дворните површини и бавчите. Токму поради тоа ЈП Комуналец со апел водата да се користи рационално.
„Интензивно работиме на поврзување во скада систем. Тоа значи дека отсега па натаму со далечинско преку монитори и посебен систем кој е сместен во просториите на „Комуналец” ќе се следи притисокот и протокот на водата. Со тоа ќе добиеме урамнотежување на притисокот на вода во водоводниот систем, а ќе ги намалиме и техничките загуби на водата“ рече раководителот на водовод при ЈП Комуналец, Марјан Прескакулев.
Според него кавадарчани требало да покажат поголема свесност за планинската вода за пиење која со цевковод се носи педесетина километри, само така градот ќе има квалитетно водоснабдување.
Речиси секое лето водоснабдувањето во Кавадарци е главен проблем. Кавадарчани се принудени да се соочат со рестрикции на водата. Се случува вода во чешмите да нема и по неколку часа во денот, а од полноќ до 5 наутро започнува најголемата рестрикција. За ова лето се најавува редовно водоснабдување, но сепак граѓаните мора да бидат одговорни кон санитарната вода, велат од Комуналец./ А.Д