Хабитат и УСАИД им нудат на кавадарчани заеми за енергетски ефикасни згради!
Кавадарчани кои живеат во станбени згради, а се со ниски примања, преку проект на УСАИД и Хабитат Македонија добиваат можност да ги реновираат фасадите на зградите и да извршат промена на вратите и прозорците.
Со ова ќе обезбедат заштеда на енергија и пониски сметки за електрична енергија. Процесот на избор на згради е веќе започнат.
„За да може зградата да земе учество во проектот мора да исполнува одредени услови, зградата да е изградена пред најмалку 10 години, да нема градежни активности во текот на процесот на аплицирање, најмалку 50% од семејствата кои живеат во зградата треба да одговараат на целната група на Хабитат Македонија, односно да бидат семејства со ниски приходи кои живеат во супстандардни услови. Според критериумите на Хабитат Македонија ниски приходи се приходи под границата од 75% од бруто националниот приход по жител, поединечно за секој член на семејството. Исто така треба да се согласни станарите или заедницата на сопственици да земат заем за спроведување на градежни интервенции кои ќе ја зголемат енергетската ефикасност на зградата. Сопствениците на становите потребно е исто така да сакаат да соработуваат со проектниот тим, техничките лица, претставниците од општината, УСАИД и Хабитат Македонија и да дозволат енергетски мерења, анкетирања на станарите и слични активности“ рече Теодора Стефановска, координатор на проектот.
Изборот на зградите ќе се прави врз основа на доставување на пријава од страна на станарите, односно заедниците на сопственици. Како што објаснува Стефановска, бенефитите од овој проект се очигледни, се зголемува комфорот, а се намалуваат сметките и секако се обновуваат зградите.
„Проектот нуди единствена можност за заеми со фиксни камати, за замена на прозорци и врати само 4%, а за изолација на фасада-покрив неверојатни 3%. Оваа понуда е единствена и достапна само во 7 општини, меѓу кои и во Кавадарци. Висината на заемите зависи од многу фактори, најмногу од потребата и желбата на станарите и се за што би се договориле заедниците на сопственици.За подетални информации за условите и критериумите за учество во проектот ќе се одржат средби со заинтересираните заедници на станари во секоја од општините“ рече координаторката на проектот./ А.Д