Кривична пријава за двајца кавадарчани фатени со амфетамин – се обиделе да побегнат од полицијата
Објавено: 8 јули, 2025, во 10:01 часот
Одделение за внатрешни работи Кавадарци поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против две лица од градот, поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ по член 215 став 1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Пријавените, С.С. (39) и Т.А. (38), според документираните сознанија, на 3 јуни годинава, од засега непознато лице во Скопје набавиле 185,4 грама наркотична дрога – амфетамин, наменета за понатамошна продажба.
Додека ја транспортирале дрогата со патничко моторно возило марка „Форд“, со кавадаречки регистарски таблички, управувано од Т.А., а со С.С. како сопатник, на подрачјето на општина Росоман биле забележани од полициска патрола. На дадениот знак од полициските службеници за запирање на возилото, пријавените не застанале, туку се дале во бегство.
За време на бегството, С.С. ја фрлил дрогата од возилото. По кратко време возилото било сопрено, а при извршен преглед кај С.С. биле пронајдени дополнителни 1,18 грама амфетамин. Со спроведени оперативни мерки и активности, полицијата ја пронашла и одземала и фрлената дрога.
Дума.мк


