Општината се заблагодари со часовници на дежурните лекари, полицајци и пожарникари

Објавено на 10 јануари, 2014 во 15:02

Д-р Драги Димитров е лекар во Брзата Помош во Кавадарци. Тој заедно со неговите колеги  д-р Вера Соколова од Брзата помош,  д-р Дано Кулев и д-р Стојанчо Рамов од кавадаречката болница беа на своите работни места во новогодишната ноќ. Се грижеа за здравјето на кавадарчани.

Наместо да празнуваат исто така работеа и Спире Кендаровски во полициската станица како и Блажо Милев во противпожарната станица. За посветената работа и грижа во текот на целата измината година како и за дежурството на новогодишната ноќ ним општината им подели награди. Сите добија часовници.

 

– Нашата  служба е таква. Некој мора да биде дежурен. Секогаш мораме да бидеме подготвени доколку некому му се влоши здравствената состојба и животот му е во опасност. Јас бев дежурен за новогодишната ноќ и подговен да пружам медицинска помош. Но, можам да речам дека дежурството помина без сериозни интервенции. Немаше сообраќајни несреќи. Граѓаните беа дисициплинирани кога е во прашање прекумерната употреба на алкохол. Имавме само две интервенции на алкохолизирани лица, но ништо не беше сериозно,  рече д-р Димитров. Тој инаку секојдневно е во болничкото возило и одговара на повиците за медицинска  помош.

На денешниот прием кај градоначалникот Александар Панов, дежурните од службите кои дваесет и четири часа будно го надгледуваат градот и граѓаните констатираа дека Кавадарци имаше најмирен дочек на новата година, досега.

– Ова е пракса со која сакаме да ја искажеме благодарноста до оние луѓе кои што најдолгата ноќ не ја поминуваат со своето семејство и тоа е една жртва од нив,  што како корисни граѓани на ова општество го даваат својот придонес кон општеството. Затоа е примерно да им се оддаде признание на овие луѓе, рече Панов./А.Д

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.