Вечерва нормализиран сообраќајот на магистралниот пат Прилеп – Градско
По седум часа и четириесет минути oд сообраќајната несреќа тргнат е превртениот камион, мешалка на бетон, од патот Градско – Прилеп, кај селото Раец. Со специјална кран дигалка камионот бил исправен и отстранет од едната коловозна лента, по што сообраќајот е нормализиран во двата правци на магистралниот пат.
Претходно како последица на превртувањето на камионот, мешалка за бетон, што се случило околу 11 часот сообраќајот на патот беше целосно блокиран три часа. Сообраќајната несреќа беше причина за долгата колона возила во двата правци, кон Прилеп и кон Градско.
Во 14 часот и 10 минути камионот беше истуркан на едната коловозна лента. Сообраќајот наизменично се одвиваше по една коловозна лента се до вечерва околу 19.40 часот.
Увид на местото на сообраќајката направи екипа на полициската станица во Кавадарци. Инспекторите треба да ги утврдат причините кои го предизвикале превртувањето на камионот.
