ФОТО: Крводарителите од Кавадарци и Росоман го прославија Светскиот ден на крводарителството
Кавадаречкиот Црвен крст денеска во манастирот „Свети Никола“ во Моклиште ги собра крводарителите од Кавадарци и Росоман на заедничко дружење, забава и ручек. Со песна и оро се дружеа и младите и старите хумани луѓе. Тие дадоа придонес во одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството, 14 јуни.
„Сакавме на еден посебен начин да го одбележиме 14 јуни. Ги поканивме сите крводарители независно од тоа колку пати дарувале крв да бидат дел од прославата. Дојдоа повеќе од 300 крводарители. Кавадарци има хумани луѓе. Бројот на крводарители е навистина голем. Секоја година собираме по околу 2800 крвни единици и со тоа редовно го надминуваме планот кој предвидува 1800 крвни единици. Спаѓаме меѓу 5-6 најуспешни општински организации на Црвен КРст на ниво на Македонија“ рече претседателот на кавадаречкиот црвен крст Димитар Каракулев.
Тој нагласи дека за првите шест месеци од оваа година веќе биле собрани над 1000 крвни единици. Очекува натфрлање на планот и годинава и најави уште неколку крводарителски акции./А.Д
