Преполовен родот на грозје
Лозарите од Тиквешијата мака мачат да се справат со пламеницата која веќе го преполови родот особено на вранецот. Според експертите оваа година е идеална за развој на ова мошне опасна болест за виновата лоза.
„Интензивен е нападот на вранецот, и родот е преполовен. Пламеницата ги нападна гроздот, оштетени се и листовите и ластарите. Смедеревката се покажа како поиздржлива на ова заболување и добро го поднесе нападот на пламеница. Лозарите треба да бидат внимателни, бидејќи пламеницата е закана за лозата и во наредниот период, а треба да се следи и состојбата со пепелницата“ рече м-р Диме Златев, стручњак за заштита на растенијата.
Тој објаснува дека ваков масовен напад од пламеница лозјата во тиквешко имеле во 1982 година.
Лозарите речиси секојдневно се на своите насади и го следат развојот на болеста. Изминатиот викенд многу лозари извршија уште едно третирање со хемиски средства против ова заболување, а се третираше и против пепелница и гроздов молец.
Производителите на грозје се надеваат дека годинава ќе има поголема конкуренција при откупот на грозје сооглед на намалениот принос поради штетите од пламеницата, а големи штети направи и градот од 9 јуни на значителна површина.
