Меѓу загинатите пилоти е и кавадарчанецот Тоде Орешков

Објавено на 11 јули, 2014 во 14:54

Тоде Орешков роден 1970 година во Кавадарци , воздухопловен инспектор и пилот со искуство,  Драги Мицев од Струмица роден 1969 година, началник на хеликоптерската единица, Маријан Трајковиќ роден 1967 година во Куманово, капетан пилот  и Иљо Лопатички роден 1968 година во Битола загинаа  во хеликоптерската несреќа што се случи синоќа околу 22 часот во близина на Струмица.

Кавадарчани се во шок по веста дека меѓу загинатите е и нивниот сограѓанин Тоде Орешков, воздухопловен инспектор и пилот со големо искуство. И тие синоќа го слушнаа звукот на хеликоптерот кој падна во Струмица и однесе во смрт четири врвни пилоти во МВР. Хеликоптерот само неколку минути пред несреќата го надлета и Кавадарци.

Тоде Орешков потекнува од скромно кавадаречко семејство. Татко е на две деца. Со сопругата Билјана, синот и ќерката од поодамна живеат во Скопје. Неговите познаници велат дека поради службата останал да живее во главниот град.

Во Кавадарци ги завршува основното и средно образование, а потоа продолжува да се школува за пилот во Сараево.

Тоде многу често слободното време го користел да го посети своето родно Кавадарци, да се сретне со мајка му и брат му, но секогаш имал време и за неговите пријатели и другари од детството. Тие го опишуваат како мирен, секогаш другарски расположен. Човек кој бил заљубен во својата професија.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.