Се зголемува бројот на луѓе со дијабетес
Црвениот Крст на Кавадарци ја одбележува неделата за борба против дијабетесот или шеќерната болест. Со низа активности оваа хуманитарна организација ќе се потруди да наметне превенција и поголема едукација кај населението.
Надлежните алармираат дека бројката на дијабетичари е во постојан пораст. Дијабетесот денес се вбројува меѓу најчестите ендокринолошки заболувања, со тенденција на зголемен пораст.
„Она што посебно загрижува и ја наметнува потребата од здрава исхрана е што се намалува и старосната граница на лицата кои заболуваат од дијабетес. Тоа е последица на модерниот стил на живот и зголемениот број на надворешни етиолошки предизвикувачи, меѓу кои посебно се издвојува претераниот вишок на килограми. Шеќерната болест најчесто се јавува во поодмината животна возраст како последица на општите дегенеративни и склеротични промени во организмот, кои го зафаќаат и панкреасот, а кај младите лица може да настане поради генетски пореметувања или оштетувања на панкреасот кај одредени заразни заболувања “ нагласува д-р Методија Ташев, интернист од Општа Болница Кавадарци.
Во рамки на неделата за борба против шеќерната болест и во рамки на неделата на стари од Црвениот Крст Кавадарци велат дека ќе бидат организирани уште низа активности покрај ваквите превентивни предавања, делењето на едукативни флаери ќе има до крајот на годината и бесплатно мерење на шеќерот во крвта./А.Д
