Малку термини, голем интерес за вакцини против сезонски грип во Кавадарци

Објавено на 16 ноември, 2020 во 10:11

vakcinaОд почетокот на вакцинацијата против сезонски грип има сериозни реакции во јавноста дека нема доволно термини за вакцинација. Реагираат хронично болни пациенти,  кои стравуваат за своето здравје и од можни компликации од грипот,  ако не се заштитат, во време кога корона вирусот коси.

Тие велат дека по неколку пати се обраќаат до матичните лекари за да добијат термин за вакцинација, но термини нема.

Истата реакција, дека нема термини,  доаѓа и од ординациите на матичните лекари во Кавадарци. Во разговор лекарите ни рекоа дека неделно,  за пациентите од Кавадарци се достапни само по 80 термини, иако интересот за вакцинација кај хронично болните е далеку поголем.

„Се наоѓаме под голем притисок од нашите пациенти. Тие регуларно си бараат термин да бидат вакцинирани против сезонски грип, но слободни термини не можеме да се најадат затоа што од министерството пуштаат само по 80 за цела недела во Кавадарци. Во петокот во 23 часот се објавени термините и истите експресно се потполнети“ велат нашите соговорници, матични лекари.

Вакцинацијата против сезонски грип се извршува на пункт во општа болница со проширена дејност. Во почетокот на минатата недела во Кавадарци се вршени по десетина вакцинации на ден. Во четвртокот и петокот биле реализирани по 35 вакцинации, а денеска биле на располагање 10 термини, кои веќе биле потполнети. Од болницата велат дека тие само ги извршуваат вакцинациите, а термини закажуваат матичните лекари.

„Ова што се случува годинава со вакцинацијата против сезонски грип е надвор од секој здрав разум. Грипот ќе почне да се шири додека да се добијат термини за вакцинација, а  се повеќе корона вирусот зема животи. Секојдневно се јавуваме кај нашите матични, но тие ни кажуваат дека термини нема. Ќе не остават ли покрај од корона,  да добиваме компликации и од грипот? “ велат кавадарчани.

 Од министерството за здравство на нашето прашање зошто се креираат малку термини за вакцинирање добивме одговор дека вакцини против сезонски грип ќе имало за сите кои имале потреба од вакцинација.

„ По спроведените анализи на начинот на закажување на термин за вакцинација против сезонски грип, не се утврдени недостатоци, туку станува збор за системско менаџирање на термините за вакцинација. Имено, се наоѓаме во период на вонредна, здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор. Секој петок од тековната недела се отвараат термините за вакцинација за наредната недела“ – стои во одговорот од министерството за здравство.

Против грип е пожелно да се вакцинираат сите луѓе кај кои не постојат пречки (контраиндикации) за вакцинација. Сепак, постојат таканаречени “приоритетни ризични групи”, на кои посебно им се препорачува редовна вакцинација со вакцина против грип секоја година.

 

Ангел Данов

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.