Kaвадарци и понатаму на врвот по бројот на нови случаи на корона вирус
26.03.2021
По Скопје и Прилеп, Кавадарци и понатаму е на врвот по бројот на нови позитивни случаи на корона вирус, според бројот на жители. Во моментов активни се 677 случаи, а од почетокот на пандемијата има дијагностицирано вкупно 4240 позитивни.
Кавадарци останува жариште на овој вирус. Во периодот од 20 до 25 март, за само пет дена има 208 нови ковид позитивни и 11 починати.
Лекарите велат дека ваквите бројки и понатаму се резултат најмногу на неодговорното однесување на граѓаните, кои се помалку носат заштитни маски, а не запираат ниту масовните групирања и дружби. Тие објаснуваат дека се почесто граѓани кои се сомнителни на ковид 19 одбиваат да бидат тестирани и се лекуваат на своја рака. Дел од нив во таква состојба се појавувале на работните места, а и членови од нивните семејства, додаваат лекарите, слободно се движат, бидејќи без тестирање, неможат да бидат ставени во изолација.
Во последно време не е мал бројот и на потврдени позитивни пациенти кои слободно се движат низ маркетите, аптеките…
Во Неготино исто така состојбата е загрижувачка. Во последните пет дена има 112 нови случаи и 2 починати. Овде активни се 422 случаи.
Во наведениот период во Демир Капија има тројца починати и 15 нови случаи.
„Во тек на вчерашниот ден во ковид центарот на нашата болница се сместени 78 пациенти, во стабилна општа состојба, најголем дел од нив на кислородна поддршка. Има слободни 17 болнички кревети“ информира директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев./А.Д