Продолжено работното време на угостителите во Кавадарци за „Тиквешки гроздобер“

На вчерашната седница на советот на општина Кавадарци едногласно беше донесена одлука со која им се продолжува работното време на угостителските објекти за дополнителни 2 часа. Продолжувањето ќе биде на сила само додека се одржува манифестацијата „Тиквешки гроздобер“, односно 9, 10 и 11 септември годинава.
Советникот од Левица, Круме Богевски побара разгледување на можноста и на трговските субјекти во општината да им се дозволи да работат во недела, додека се одржува гроздоберот. Иницијативата беше поддржана и ќе се бара од надлежното министерство да се произнесе по ваквото барање.
Градоначалникот Митко Јанчев во својата дискусија на седницата нагласи дека го поддржува таквиот предлог и смета дека законот за недела не работен ден е потребно владата да го повлече во овој период, кога компаниите се соочуваат со енергетска криза и плаќаат енормно висока цена за струја.
Ангел Данов
