Коцевски: Општина Велес, во првото шестомесечие годинава, има најдобри финансиски резултати од 2000 година до денес
По пишувањата и коментарите на социјалните мрежи, за коишто, Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски смета дека се тенденциозни и насочени кон негова дискредитација како и на работата на општината на денешната прес конференција тој ги соопшти резултатите од реализацијата на планираниот општински буџет за првите шест месеци од годинава споредувајќи ги со истиот период од 2017 година, пред неговото доаѓање на функцијата.
Како што рече Коцевски во општинската каса во првите шест месеци на оваа годинава, општинскиот буџет собрал приходи во висина од вкупно 382 милиони 911илјади и 15 денари што во споредба со истиот период во 2017 година е повеќе за 59 милиони 802 илјади и 307 денари. Во истиот период расходите на општината изнесуваат 355 милиони 943 илјади и 282 денари или за 58 милиони 311 илјади и 69 денари повеќе од 2017 година. Во првото шестомесечие, исто така, за 3,11 пати се по високи и капиталните приходи на основниот буџет поточно тие изнесуваат 39 милиони 196 илјади 924 денари или три пати повеќе од 2017 година кога во истиот период биле реализирани само 12милиони 584 илјади 829 денари. И капиталните расходи се повисоки за 2,9 пати, додаде Коцевски, соопштувајќи дека се реализирани 49 милиони 819 илјади и 243 денари наспроти 16 милиони 909 илјади и 618 денари во 2017 година. Овие средства се наменети за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.
Наспроти потрошените 256 илјади 505 денари за репрезентација во првите шест месеци на 2017година, во истиот период оваа годин, а Општина Велес потрошила само 2 илјади 680 денари или 95,7 пати помалку поточно 203,6 пати помалку ако се спореди оваа ставка на буџетот со истиот период во 2015 година кога биле потрошени 545.706 денари, народни пари.
Општината заштедила и 18,5 % на потрошувачка на гориво. Во првите шест месеци на тековната година потрошени се 298 илјади 850 денари или 55 илјади 517 денари помалку од истиот период во 2017 година кога се потрошени 354 илјади 367 денари. Доколку се направи споредба со 2014 година, кога се потрошени вкупно 735 илјади 360 денари, тогаш заштедата изнесува 2,5 пати помалку потрошени пари за гориво.
И за 17 пати помалку пари од општинскиот буџет се трошени за патни трошоци. Сега, во првите шест месеци, 19 илјади 925 денари додека во 2017 година 338 илјади 463 денари. Доколку се направи споредба со 2015 година кога биле потрошени 707 илјади 591 денар тогаш заштедата изнесува 35,5 пати помалку.
-Овие показатели говорат дека ова се најдобрите финансиски резултати на Општина Велес од 2000 година до денес. На овој начин, со аргументи и факти се спротиставувам на неоснованите критики и на ширењето лажни вести во врска со трошењето на парите на Општина Велес. Во Велес никогаш не се инвестирало во капитални проекти како сега од општинскиот буџет, а ако на тоа се додадат и капиталните проекти финансирани од ЕУ и од други меѓународни донатори и од Владата, тогаш состојбата е уште подобра, додаде градоначалникот Коцевски.
Коцевски исто така направи споредба и во категоријата на буџетот за социјални бенефиции. Тој додаде дека во првите шест месеци од 2021 година исплатени се 421 илјади денари додека во 2017 година само 20.000 денари или за 21 пати повеќе Општина Велес годинава издвоила помошти за потребите на социјално загрозените граѓани.
Убавка Јаневска