Крадци со електрошок совладале велешанец и му го ограбиле станот среде бел ден
Крадци, околу пладне, денеска, на велешанец му звонеле на ѕвончето пред влезната врата на станот во кој живеел и штом ја отворил го нападнале со електрошок. Возрасниот маж паднал во претсобљето на станот и удрил со главата на подот. Неговата повреда на главата и зашеметеноста од струјата која поминала низ неговото тело го довеле во состојба којашто ја искористиле крадците да го претурат целиот стан, да го ограбат и да избегаат без некој да ги види.
Подоцна откако крадците се оддалечиле во непознат правец соседите го виделе паднатиот маж на подот и пријавиле во Полициска станица на Сектор за внатрешни работи Велес. Полицијата повикала Итна помош.
На повредениот велешанец прва медицинска помош му пружила екипа на Итна медицинска помош која потоа го пренела во Општа болница Велес.
-Состојбата на повредениот пациент ја утврдија специјалисти, хирург и психијатар. По опсервација на пациентот на Хирушко одделение му беше направена интервенција на повредата на главата и откако специјалистот хирург ја санираше исто така беше повикан колега, специјалист по психијатриски болести кој констатираше подобрување на здравствената состојба. Потоа, по амбулантското третирање, пациентот беше пуштен на домашно лекување, соопшти др Биљана Босилкова портпаролка на Општа болница Велес.
Од портаролката на СВР Велес, Биљана Ѓаковска стигна потврда за оваа немила случката и информација дека полициски службеници работат на нејзино расветлување како и на пронаоѓање на крадците и пленот од кражбата.
Убавка Јаневска