(Обновено) Крадец не ги остави ниту да преноќат поставените рефлектори во фонтана на Младински парк во Велес

Јавното комунално претпријатие „Дервен“ ги монтираше рефлекторите и електричните кабли а крадецот не ги остави ниту да преноќат. Кражбата веднаш била пријавена во Полициска станица на Сектор за внатрешни работи Велес.
„Рефлекторите и каблите на фонтаната во Младинскиот парк кои деновиве беа поставени како дел од работните активности за обнова на осветлувањето беа цел на кражба. По брза интервенција од страна на СВР – Велес сторителот беше фатен,“ соопшти велешкото комунално претпријатие.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија дека вчера доцна попладне, во 18: 00 часот, извршен бил службен разговор со О.С.(22) од Велес, осомничен дека со употреба на остар предмет одзел рефлектори со кабли, сопственост на Општина Велес, кои што биле поставени во фонтаната во Младински парк Велес.
-Предметите се пронајдени кај О.С., по што биле вратени на сопственикот. Известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.

Од ЈКП „Дервен“ додадоа дека денеска нивни работници повторно ќе поставуваат рефлектори и електрични кабли коишто ќе имаат намена да придонесат за поубав светлосен амбиент на посетителите.
Овој дел од Младински парк е преполн со граѓани особено во вечерните часови кога се бара место повеќе на пеколните жештини.
Убавка Јаневска
