Лазов: Цената на маслото за јадење ќе се движи околу 2,5 евра за литар и со новата реколта, потребно е сончогледот да се врати на македонските полиња (ВИДЕО)
Да се врати сончогледот на македонските полиња затоа што за земјоделците е плодородна култура додека државата ќе има бенефит со тоа што нема да троши девизи за увоз на сурово масло за јадење. Домашниот принос на сончоглед особено е значаен за состојби како што е моменталната, кризна. Велешка Маслодајна со години се залага да се врати сончогледот на македонските ниви додека годинава за прв пат е охрабрена од интересот на земјоделците за сеење,за одгледување и зазголемување на површините, рече Горанчо Лазов генерален директор на велешка Маслодајна.
-Мора и понатаму да се работи не само на зголемување на површините под сончоглед туку и на зголемување на приносите. Тоа значи современа обработка на земјата и одгледување на квалитетни сорти на сончоглед со што ќе ги стигнеме нашите соседи, Србија и во Бугарија, каде приносите се двојно големи во споредба со домашните во државава. Освен покажаниот годинешен интерес се надевам на уште поголем во наредните години, додаде Лазов.
Тој констатираше дека актуелната криза ќе се одрази со подолгорочни последици кога храната ќе биде скапа и апелираше за производство согласно потребите на македонските граѓани со цел што помалку да зависат од увоз.
Во моментот велешка Маслодајна работи со 15% од капацитетот кој е димензиониран за преработка на вкупно 40 илјади тони на годишно ниво. Капацитетот на фабриката за сурово масло изнесува 16 илјади тони.
-Велешка Маслодајна ќе го откупи целото домашно производството на сончоглед од земјоделците. Како и во изминатите години така и сега нека знаат земјоделите дека навремеќе го платиме родот. Мислам дека цената на маслото за јадење би се движела од 2,20 евра до 2,50 евра за литар. Таа цена ќе се задржи и со новата реколта со која нема да има драстични осцилации на зголемување и намалување на цената. Очекувам после велигденските празници цената на овој прехрамбен производ да се стабилизира и во маркетите да има доволни количини на масло за јадење. Тоа ќе придонесе граѓаните да не се изложуваат на големи трошоци со тоа што ќе купуваат големи залихи, додаде Лазов.
Тој направи споредба со цените во соседството, поточно во Бугарија и во Грција, каде литар масло за јадење чини од 4 до 6 евра.
Убавка Јаневска