Македонија старее, нема кој да се грижи за старите и изнемоштените, поголемите градови како Велес треба да имаат старски домови (Фото и видео)
Автор: Убавка Јаневска
По 39 години од затворањето, поранешниот хотел „Вила Зора“ е само споменик на едно минато време. Објектот, надворешно изгледа дека е во одлична, но внатрешно е во многу лоша состојба. За да се стави во функција, потребно е целосно реновирање. Велешките архитекти, пред повеќе од четири години проценија дека објектот мора комплетно да се реновира. Прво покривот, кој е најризичен, а потоа и внатрешноста.
Едни затоа што не сакаат да бидат товар на децата во претесните домови, а други бидејќи останале без дом, се сегашни жители на вкупно 24 студија и еднособни станови во популарно наречената „Пензионерска зграда“ на здружението во Велес.
Постојат и трети, кои имаат тешки животни судбини, па покрив над главата обезбедиле токму во оваа четирикатница, во централниот дел на градот, изградена во 1970 година. Триесеттината станари, на возраст од 64 до 80 години, беспрекорно и сложно функционираат. Тие меѓу себе си помагаат и тоа што им е особено значајно, е што се дружат и се грижат едни за други. Помладите се грижат за тие што се во поодминати години или немоќни и болни, а немаат кој да им испазари или да им повика лекар.
Добрососедството се чувствува уште во холот на двата влеза на „Пензионерската зграда“. Штом ќе се искачите по скалите на првиот кат, веќе ве пречекуваат ширум отворените врати на четири стана. По толку има на секој кат. Топло е, и покрај тоа што зградата има надворешна термоизолација, но кога нема клима-уреди, тоа е начинот да се разлади домот. Во исто време и да се довикне и да се праша соседот или сосетката што прави, да се отиде на разговор, да се испие заедничко кафе или чај. Секако и да се информира секој од станарите за предавања на лекари или гости од други области на секојдневниот живот, во просториите на Здружението на пензионери, чии канцеларии и сали се наоѓаат на приземјето на зградата.
Колку и да е чуден овој начин на живот, кој потсетува на системот на општественото уредување, кое заврши некаде на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, таму, во „Пензионерската зграда“, сѐ уште функционира. Како што велат станарите, тоа се должи на помладите ентузијасти меѓу нив, кои се активни, како во Активот на пензионерки, така и во Здружението на пензионери Велес.
Побројни се жените, но тие се и похрабри. И пред и зад камерата раскажуваат за грижата како ќе продолжат да ги извршуваат секојдневните потреби, кога ќе станат сосема немоќни да приготват храна, да го средат домот, да се искапат или исперат. Тогаш ќе им треба многу повеќе од симболичната цена на месечен наем на студиото што го користат и изнесува 1.200 денари или за 200 денари поскапиот еднособен стан, од слогата и од спокојниот живот во „Пензионерската зграда“.
Осумдесетгодишната станарка Зорка Картулова и 17 години помладата Драгица Крстева, први ни раскажаа за нивните секојдневни мисли. За нив, приоритетната потреба е сместување во дом за стари лица. Посакаа ваков објект да има во Велес, за да бидат поблиску до децата, но да не им бидат товар и да можат секој ден да си ги гледаат внуците. Всушност, ним им одговара дом со цена што чија висина ќе ја платат со нивните месечни пензии. Тие не се високи, туку, според рангирањето во државата, се во категоријата на најниските.
ВЕЛЕС, ПРЕД 40 ГОДИНИ, ИМАШЕ ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА
Благојка Настова е претседателка на Активот на пензионерки на велешкото здружение. Таа ја има комплетната слика на возрасната структура на моменталните корисници на сместувачкиот капацитет во зградата. Како припадничка на помладата генерација на станарки, исто како и нејзините сосетки, се надева дека во староста ќе може да биде сместена во Дом за стари лица во Велес.
Всушност, Велес имаше дом за стари лица уште во 1985 година. Тогаш заврши изградбата на белиот, грандиозен објект на источната или лева страна на градот, покрај реката Вардар, со намена за хотел што го доби името „Вила Зора“ за да го опслужува и домот. Изграден по „јус“ стандарди, инвеститори на квалитетната градба тогаш беа Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Организацијата на борци од НОБ, а партиципираше и Фондот за социјални работи.
Градбата е во препознатливата велешка староградска архитектура распослана на 2.700 квадратни метри површина. Со стотина соби, голема и две помали ресторански сали, кујна, пералница, лифтови и помошни простории, објектот беше атрактивен и поради добро избраната локација. Имаше летна бавча, од долната страна до реката Вардар. Во делот од хотелот што беше наменет за дом беа сместувани до 20 возрасни и изнемоштени лица од Велес, кои добиваа храна, хигиенски услуги и 24-часовна медицинска помош. Со објектот „Вила Зора“ стопанисуваа тогашните велешки фабрики. Последна беше „Киро Ќучук“, фабриката за производство на тули и ферт-гредички. Кога таа фабрика отиде во стечај, се затворија и хотелот и домот.
По 39 години од затворањето, поранешниот хотел „Вила Зора“ е само споменик на едно минато време. Објектот надворешно изгледа дека е во одлична, но внатрешно е во многу лоша состојба. За да се стави во функција, потребно е целосно реновирање. Велешките архитекти, пред повеќе од четири години проценија дека објектот мора комплетно да се реновира. Прво покривот, кој е најризичен, а потоа внатрешноста.
Архитектите, овие проценки ги сугерираа пред Општина Велес во март 2021 година, кога за првпат се огласи неговата продажба, поточно само на делот што со делбен биланс и припадна, додека другата половина, чиј сопственик е државата или Фондот за пензиско осигурување, е даден под наем на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола за потребите на Техничко-технолошкиот факултет, со седиште во Велес.
Со почетната цена од 70,57 милиони денари, електронското наддавање не беше интересно за ниту еден заинтересиран купувач. И оваа како и следната, втора продажба, кога цената беше намалена за 10 отсто, не беа успешни.
Двајцата градоначалници на Велес, поранешниот Аце Коцевски и актуелниот Марко Колев, во два мандати се обидуваа да најдат решение за грандиозниот објект, барем преку склучување договори за јавно-приватно партнерство и велешани да добијат дом за стари и изнемоштени лица.
„Имав контакти со заинтересирани приватни лица, дел и наши, Македонци, кои работат и живеат во странство, но и со фирма, кои покажаа почетен интерес. И покрај големата сума на потребни финансиски средства за реконструкција на објектот, сепак сопирачка во постапката претставува правилникот што во Министерството за труд и социјална политика ја пропишува големината на собите и на ходниците за потребите на домот за стари лица. Според правилникот, овие два дела од внатрешноста на велешкиот објект не ги исполнувале пропишаните услови, рече градоначалникот Марко Колев за Јасно.мк.
МАКЕДОНИЈА СТАРЕЕ, ОПРАВДАНИ СЕ ПЕНЗИОНЕРСКИТЕ БАРАЊА ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ ВО ДОМ ЗА СТАРИ ЛИЦА
Но, сите досегашни неуспешни обиди на Општина Велес да го стави поранешниот хотел „Вила Зора“ во функција, за потребите на постарата популација во градот не го обесхрабруваа велешкото Здружение на пензионери.
Претседателот Веле Алексоски смета дека на делот од објектот, поранешниот хотел „Вила Зора“, кој ѝ припаѓа на општината, може да му се врати намената на Дом за стари и изнемоштени лица преку државна и финансиска помош од Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија, како и на велешкото пензионерско здружение, бидејќи потребата за грижа на стари лица што се сами во општините Велес, Чашка и Градско, од година во година се зголемува.
Во последните години, при огласување на едно испразнето студио или еднособен стан, во „Пензионерската зграда“ во Велес конкурираат од осум до 10 заинтересирани стари лица, приматели на пензија.
Тие се дел од вкупно 8.500 пензионери во Општина Велес или од 350 во Општина Градско и 300 во Општина Чашка. Прецизни податоци за нивната потреба, крајот на животниот век да го дочекаат згрижени, нахранети, чисти, стоплени, здравствено следени и социјализирани, ќе има штом Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија го реализира истражувањето во втората половина на годината.
Градоначалникот Марко Колев, за Јасно. мк, изјави дека ќе ја поддржи иницијативата на Здружението на пензионери на Велес.
Сепак, не треба да се занемари демографската слика на државата, која оди во прилог на овие пензионерски барања, во родниот град, во општите, да се отвораат објекти што тие ќе ги користат бидејќи во нив доминира возрасна или стара популацијата во Македонија.
Текстот е превземен од Јасно.мк