Мед со сомнителен квалитет се продава на велешкиот пазар, се жалат лиценцирани медопроизводителите
Се намножија продавачи на мед на велешки градски пазар кои продаваат производи со сомнителен квалитет и по многу по ниски цени со што се директна конкуренција на традиционалните производители. Ова го тврдат медопроизводители од велешко кои откриваат дека препродавачите лесно можат да се препознаат како и нивните фалш производи бидејќи не поседуваат сертификати и наместо по цена од 500 денари за литар тие медот го продавале за половична цена.
„Граѓаните ги убедуваат дека тоа е квалитетен мед со тоа што се преставуваат дека се од Берово, Пехчево и други места во државата кои важат за поднебја на производство на високо квалитетен мед. Но не е така. Теглите со мед којшто ги продаваат содржат минимална количина на природниот производ додека во теглите високи се концентрациите на шеќер и друг вид на додатоци.,“ рече медопроизводител со сертификат.
„Дел од нас, лиценцираните производители, побаравме инспекциски контроли. Но не успеавме. Досега нема контрола на пазарот од страна на инспекцијата,“ рече медопроизводител.
Дума.мк два дена се обидуваше да стапи во контакт со Државниот пазарен инспекторат и да добие одговор на новинарските прашања дали има диви продавачи на мед со непроверен квалитет на велешкиот градски пазар. Ниту еден од објавените службени фиксни телефони на инспекциските служби во Велес и Кавадарци, на веб страницата на државната институција, не е во функција. Трите телефонски броеви на државната институција со седиште во Скопје се активни но на нив никој не се јавува. На веб страницата на државниот пазарен инспекторат единствено има објавен е-мајл на лице за информации од јавен карактер кое доколку одговори на новинарските прашања ќе ги објавиме како став на инспекторатот.
Убавка Јаневска