Мексикански и уште пет странски ансамбли на 18 издание на ИФФ „Велес 2023“
На почеток на месец јули, поточно од петти до осми, Велес повторно ќе биде домаќини на 18 издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес 2023“. Публиката во амфитеатарот ќе има можност да ужива во четири фестивалски вечери со богата културна програма.
За време на фестивалот ќе учествуваат вкупно 20 ансамбли од кои шест странски. Гостите од Турција, Хрватска, Босна и Херцеговина, Северен Кипар, Словачка и Мексико како и ансамблите од нашата татковина, Македонија, ќе имаат за цел да и приредат на публиката вистинско уживање.
Сите фестивалски вечери ќе се одржат во амфитеатарот во Младински парк со почеток во 20:30 часот со исклучок на финалната вечер која ќе започне во 20:00 часот. Традиционално фестивалот ќе стартува со дефиле низ улиците не Велес. Сите заинтересирани граѓани дефилето можат да го проследат на петти јули, со почеток од 19:00 часот, на потегот од ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ до центарот на градот.
Во случај на лоши временски услови фестивалските вечери ќе се одржат во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.
Стефани Манева