Младински центар, Библиотека „Гоце Делчев“ и Јуроп Хаус го одбележаа Светскиот ден на мајчиниот јазик во Велес (фото и видео)

На настанот, Ивана Јордева, Младински работник во Младински центар Велес преку презентација ги запозна присутните ученици на средните училишта за значењето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, неговата историја, значењето на мајчиниот јазик во образованието и улогата на технологијата.

„По презентацијата следуваше забавен квиз со 20 прашања каде присутните беа поделени во групи и решаваа тимски, а на крајот имаше група победник. На присутните им беа доделени благодарници за учество на овој настан, додаде Јордева.

Учениците учесници на настанот избираа зборови и ги преведуваа на јазици кои што ги знаат или ги преведуваа на што поголем број на светски јазици со помош на истражување на интернет.
Дума.мк денеска ги праша учениците што научија за Денот на мајчин јазик. Еве што одговори Матеја Николова.
Денот на мајчин јазик прогласен е во 1999 година од УНЕСКО во насока на промовирање на важноста од сочувување и негување на мајчиниот јазик, но и на важноста на јазичната разновидност.
Денот востановен е во чест на еден немил настан што се случил токму на 21 февруари во далечната 1952 година. По поделбата на Индија во 1947, Дака станала главен град на Источен Бенгал, како дел од новата држава Пакистан. Поделбата на луѓето била по етничка и лингвистичка основа, а најбројни биле Бенгалците. Владата на новооснованата држава во 1948 година усвоила предлог, единствен јазик да биде „урду“. Тоа предизвикало негодувања и протести. На 21 февруари, 1952 година бил организиран масовен протест во кој учествувале голем број студенти. Полицијата усмртила многу демонстранти. Неколку години подоцна за официјален јазик бил признаен и бенгалскиот.
Убавка Јаневска
