Младински Центар Велес го одбележа Денот на Европа со интерактивна работилница за младите

Објавено на 8 мај, 2025 во 13:51

Во Младинскиот центар Велес денеска беше одбележан Денот на Европа, 9-ти Мај, со едукативен и интерактивен настан наменет за млади, под мотото на европските вредности – демократија, солидарност и човекови права. Настанот го организираше младинскиот работник Ивана Јордева, а учество земаа 15 ученици од основните и средните училишта во градот.

Работилницата беше креирана така што младите преку групна работа и креативни активности се запознаа поблиску со европските вредности и можностите што ги имаат како дел од Европа. Учесниците имаа задача да издвојат три збора кои ги потсетуваат на Европа, како и да наведат европски градови кои би сакале да ги посетат. Работилницата заврши со интересен квиз на тема „Европа“, кој поттикна активно размислување и дискусија.

-Денот на Европа е важен потсетник за младите дека припаѓаме на заедница што ги вреднува правата, слободата и солидарноста. Со вакви активности сакаме да ги доближиме тие вредности до учениците и да ги мотивираме да бидат активни граѓани и да ги користат европските можности што им се достапни, изјави Ивана Јордева, младински работник од Велес.

Преку едукативни алатки, дискусии и тимска работа, младите од Велес имаа можност да се поврзат со идејата за обединета Европа и да ги искажат своите видувања за иднината што ја посакуваат – поинклузивна, солидарна и слободна. Настанот заврши со позитивна енергија и пораки на единство и европска припадност.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.