МЗ и ИЈЗ со препораки за заштита на здравјето од екстремни температури

Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје излегоа со серија на препораки за граѓаните и институциите со цел заштита на здравјето од високите температури кои ја зафатија земјава. Според надлежните, почитувањето на овие мерки е од клучно значење за превенција од топлотен удар и други здравствени компликации, особено кај ранливите категории на населението.
Општи препораки за граѓаните
Најважната препорака е да се избегнува престој на отворено во периодот од 10 до 17 часот. Се советува сите неопходни активности да се извршат во раните утрински или доцните попладневни часови. За оние кои мора да бидат надвор, се препорачува да носат лесна и светла облека од природни материјали, капа и заштитни очила, како и чести одмори во сенка.
Внесувањето доволно течности е клучно – најдобро обична вода или минерализирани безалкохолни пијалоци, додека се избегнуваат алкохолни и кофеински пијалаци. Храната треба да биде лесна, свежа и нискокалорична. Исто така, се препорачува редовно туширање со ладна вода и одморање во климатизирани простории, бидејќи обичните вентилатори не се ефикасни при температури над 35°C.
Посебна грижа треба да се посвети на хронично болните лица кои мора редовно да ја земаат својата терапија и при првите знаци на влошување на состојбата веднаш да се консултираат со својот матичен лекар.
Заштита во институциите за грижа и здравствени установи
Во домовите за стари лица и здравствените установи, мора да се обезбеди барем една просторија со температура под 25°C каде корисниците ќе можат да престојуваат неколку часа дневно. Вработените се задолжени редовно да ја следат хидратацијата, температурата, притисокот и општата состојба на станарите, особено кај хронично болните.
Се препорачува и дополнителна едукација на персоналот, како и зголемување на бројот на вработени доколку е потребно. Лекарите треба да ја проверат терапијата на пациентите и да направат соодветни прилагодувања во услови на високи температури.
Препораки за работници и работодавачи
Работодавачите имаат обврска да ги заштитат своите вработени преку овозможување на работа во сенка, користење лесна облека од природни материјали и чест одмор. Особено внимание треба да се посвети на препознавање на симптомите на топлотен удар или исцрпеност – како слабост, вртоглавица, замор, повраќање, конфузија и колапс.
Се препорачуваат и вонредни систематски прегледи за вработените кои спаѓаат во ранливи категории – лица со хронични заболувања, повозрасни работници, трудници и лица со зголемена телесна тежина.
Улогата на локалната самоуправа
Општините се повикани да ги стават во функција јавните чешми и фонтани, особено во урбаните подрачја каде што температурите се највисоки. Исто така, потребна е засилена грижа за водоснабдувањето, редовното собирање на смет и одржувањето на хигиената на јавните простори.
Надлежните апелираат граѓаните да ги следат овие препораки и да бидат особено внимателни кон децата, постарите и хронично болните лица. Во случај на сомнеж за топлотен удар, неопходно е веднаш да се побара медицинска помош на бројот 194.
„Да го заштитиме здравјето – почитувањето на овие препораки може да спаси живот,“ порачаа од Министерството за здравство.
Дума.мк
