Не се пропуштаат термините за ревакцинација од страна на граѓаните на пунктот за масовна вакцинација во Велес
Четврти ден трае ревакцинирањето на граѓаните со вакцината „Синофарм“, во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“. Дневно таму се вакцинираат по 500 граѓани што веќе ја примиле првата доза на овој вид вакцина. Нема откажувања на термини, секој граѓанин доаѓа точно на закажаниот термин и не се создава метеж. Спречените граѓани да го запазат терминот доколку претходно најавуваат и го користат правото да бидат ревакцинирани во временски рок од седум дена.
-Започнавме на 17 јуни и ревакцинацијата со „Синофарм“ ќе трае до четврток, 24 јуни, додека од 25 јуни, петок, ќе започнеме имунизација со втората доза од вакцината „Фајзер“. Овој вид на вакцина, „Фајзер“, како втора доза континуирано ќе се аплицира до 7 јули, годинава. Со вакцината на „Синофарм“ дневно вакцинираме просечно 500 граѓани или доколку сакате поконкретно помеѓу 490 и 520 граѓани во еден ден, тоа зависи од дневната потреба утврдена уште за време на примањето на првата доза на вакцина. Значи, истите граѓани што биле вакцинирани со прва доза, сега ги ревакцинираме со втора доза на „Синофарм“. Ќе заклучам дека сите граѓани го користат правото на ревакцинација и ќе ви дадам пример дека шест граѓани што вчера беа спречени да дојдат, се најавија и нивните вакцини ги чуваме за апликација во наредните седум дена, рече рече Д-р Марина Тодорова, координатор на вакциналниот пункт во Велес.
Со вчерашната ревакцинација и ревакцинирањето во текот на денешниот ден на пунктот за масовна имунизација во Велес, вакницирани и ревакцинирани се вкупно 7.200 граѓани. Тие примиле прва и втора доза на вакцините „Фајзер“, „Синофарм“ и „АстраЗенека“.
Според Д-р Тодоровска, граѓаните што се ревакцинираат со вакцината „Синофарм“ можат да го пролонгираат ревакцинирањето во рок од седум дена. Вакцините за нив се чуваат во медицински ладилници. Додека граѓаните што ќе се вакцинираат со вакцината „Фајзер“ мораат да го почитуваат утврдениот термин што го добиле, поради специфичностите на вакцината. Едно пакување од неа, содржи шест дози што се раствораат на лице место и веднаш се аплицираат на шест граѓани. Затоа е потребно да не се пропушти терминот кој преку ипратена смс порака стигнува од страна на министерство за здравство до граѓаните.
Стефани Манева