Декември е првиот месец од зимата и има многу причини да биде сакан!
Овој месец го сакаат сите и младите и постарите жители на Неготино.
Најмладите затоа што најмногу му се радуваат на првиот снег ,па со црвени носиња и рачиња,со зацрвенети обравчиња прават лизгалишта по удолниците во градот за да се лизгаат на санките, весели и безгрижни. Снегот сеуште не паднал но треба да се биде подготвен.
Во декември и возрасните знаат да подетинат и да сакаат да уживаат во белината на снегот кој придонесува да заборават на грижите и проблемите. Тогаш тие посегнуваат по правењето снешко за децата, се санкаат и да се маваат со снежни топки.
Во декември започнува предпразничната новогодишна атмосфера,иако градот се уште не го добил оној препознатлив новогодишен сјај, сепак сопствениците на дуќани се обидуваат излозите да ги осветлат со сијалички и новогодишни украси,да го привлечат вниманието на минувачите. Веќе нудат Дедо мразовци,новогодишни пакетчиња и украси.
Неизоставен дел од новогодишната атмосфера е секако и мирисот на печените костени кои надалеку се шири низ градскиот плоштад во Неготино. Полека допира до вас ве обзема и поттикнува да ги вкусите особено кога премрзнатите раце ќе ви се згреат од топлината на костенот.
И семејното украсување на елката е важен момент како и целосното украсување на домот и градината што секако се дел од оваа забава. Но, за многумина скапотијата и сиромаштијата ќе имаат свое влијание,веројатно притиснати од празното кесе ќе се обидат да најдат соодветно решение кое нема многу да чини а сепак ќе ја долови празничната атмосфера.Решение е старата елка од пред некоја година. Извадете ја од кутијата во подрумот,избришете ја правта и потоа украсете ја со украсите кои веќе ги имате. Нормално насмевката на вашите најмили,радоста и возбудата во нивните очи ќе ве натераат да заборавите на проблемите и да уживате во тие несекојдневни мигови кога целото семејство е заедно.
Повеќемина Неготинци велат дека и годинава елката ќе ја красат деновиве иако традицијата налага тоа да се направи на празникот Свети Никола. За многу деца, осумнаесетти декември, е предалеку за да и се радуваат на украсената новогодишна елка.
