Драма пред винаријата Повардарие!
Работниците со жив штит ја бранеа фирмата од која државата наплаќа долг.
Драма пред капиите на Винарската визба Повардарие откако вработените не дозволија извршителите утрово да го наплатат долгот кој неготинскиот подрум го има кон Царинската управа. Работниците ставија катанец на врата и не им дозволија на двете цистерни да влезат во кругот на визбата.Тие рекоа дека не се против тоа државата да си го наплати долгот,но кога веќе се одлучиле на таков чекор тоа нека биде на начин што парите ќе ги земат од сметка на фирмата а не да се зема винскиот дестилат со што сериозно ќе се влијае во производниот процес на визбата.
Интервенираше денеска и полицијата. Прво полицајците и работниците се туркаа. Потоа кога работниците се обидоа со жив штит да ја бранат винарската визба насилно беа истуркани по што беше отстранет катанецот на капијата.Така им беше обезбеден влез на извршителите во Повардарие.
„Ние како колектив тука немаме ништо против извршителот меѓутоа ако се легитимираат како што треба и ако е законски издржано тоа што си го бараат. Сметаме дека таа процедура не е воспоставена и не ни е се исто дали ќе извршуваат нешто што не треба или треба“,рече работникот Глигор Ристов.
Директорот на винарската визба Повардарие Ванчо Кузманов,рече дека не се задоволни од тоа што не се почитуваат судските одлуки во државата во ситуација кога винаријата има решение од Управен суд. Со тој документ се одложува извршувањето се додека не заврши судскиот спор меѓу фирмата и државата.
„Мислам дека се е излишно, ние реагиравме се со цел некои други органи во државата да се запознаат со овој проблем и правилно истиот да се реши, меѓутоа очигледно е дека не се сака законско решение,“рече Кузманов.
Сто педесет илјади евра изнесува вредноста на стоката, што денеска извршителите ја одзедоа од Повардарие. Станува збор за вински дестилат со кој државата почна да го наплаќа долгот од Повардарие, вреден 40 милиони денри за неплатен ДДВ.
