Отпорот во Неготино: Нека не ве уценуваат со субвенциите тие се законска должност на власта!
За првпат се одржа граѓански парламент во градот, на градскиот плоштад.
По протестниот марш на опозицијата низ улиците, вечерва за првпат се одржа граѓански парламент во Неготино.
Го отвори пратеничката Ленче Николовска велејќи дека власта започнала да ја уништува државата кога ја затворила А1 телевизија,го ставила во затвор Љубе Бошковски и го убила Мартин Нешковски.
Според Николовска, без разлика кој е на власт, на земјоделците според закон им следуваат субвенции кои треба да ги добиваат навреме.
“Знаете дека од 2006 година битки биеме за развој на земјоделството. Ве осиромашија,нема земјоделска гранка која не е падната. Двеста илјади хектари земја остануваат необработени. Ве уценуваат со субвенциите како да ги даваат од џеб. А ја направија Македонија увозно зависна држава. По 100 милиони евра годишно се одлеваат за увоз на месо и млеко,тоа можеме и дома да го произведеме. По 30 милиони евра даваме за увоз на масло за јадење а нашите ниви остануваат необработени. Земјоделци, ве користат само за избори а само вие внесувате 200 милиони евра во државниот буџет“, рече Николовска.
Пратеникот Оливер Спасововски им се заблагодари на неготинци што вечерва, на дожд и студ, се охрабриле и излегле на граѓанскиот парламент за да им дадат поддршка на пратениците кои насилно биле исфрлени од Собранието.
Тој испрати порака до припадниците на македонската полиција.
„Во моментов кога ви даваат задачи помислете дека и вие имате деца, дека и вашите деца треба да имаат иднина. Ова не е борба само за нашата иднина туку за иднината на сите граѓани на Македонија. Затоа кога ќе добиете наредба размислете добро дали вреди да застанете на страната на граѓаните или да го браните режимот на Јанкуловска и Мијалков,“ порача Спасовски.
На Неготинци им се обрати кандидатот за градоначалник на здружената опозиција Силвана Филипова со порака до сите оние кои им се закануваат на граѓаните.
„ Не се плашиме од вашите закани, напротив тие не прават поединствени и порешителни во реализацијата на паѓањето на оваа власт, враќањето на демократијата и слободата. Само очајни и заплашени луѓе користат закани и уцени за останување на власт ,“ рече Филипова.