Во Неготино одбележан денот на виното Вранец!
Оваа сорта грозје, вранец, е тркалото што не носи кон Европа!
Од вранецот се добива квалитетно суво црвено вино со применета современа методологија и традиционален начин на чување и негување.
Темно црвената боја, е одлика на одличниот квалитет надополнет со вкусот на боровинки и шумски плодови, рекоа денеска винарите на манифестацијата „Ден на вранецот“ која се одржа во манастирот „Свети Ѓорѓи“, крај Неготино.
Вранецот, како самостојна сорта на вино зазема важно место вo развојот на македонската винска индустрија.
Бројни македонски винарии имаат добиено меѓународни признанија и награди за одличните примероци на вранец, што е уште една потврда и порака за успешната винска приказна.
На манифестацијата, во чест на празникот Свети Трифун, со вина од автохтоната македонска сорта грозје Вранец се претставија повеќе неготински винарии.
Свештените лица од Повардарската епархија на МПЦ ги запознаа сите учесници на манифестацијата, гостите од Италија, Словенија и Бугарија со убавините на манастирот Свети Ѓорѓи по што сите заедно уживаа во дегустацијата на квалитетното македонско вино од сортата вранец./Б.Н.Т